Драмски ја заврши мини-турнејата со одличен настап пред белградската публика

Вчеравечер,  Драмскиот театар од Скопје се претстави пред белградската публика со претставата „Генетика на кучињата” во режија на Дејан Пројковски, по текст на Венко Андоновски.

На сцената на „Београдско драмско позориште“ македонските актери третпат во само пет дена ги потврдија своето високо ниво и стандарден квалитет и повторно докажаа дека се вистински амбасадори на македонската култура.

Триминутниот аплауз на публиката во Белград е потврда за одличната изведба, која ја воодушеви публиката којашто дојде да ја проследи претставата.

Во салата присуствуваа амбасадорката на Република Македонија во Србија Вера Јовановска-Типко и многумина Македонци кои се дел од културниот и општествениот живот на Србија.

По настапите во Сараево и во Загреб, Белград, беше последната дестинација, по која нашите актери се враќаат дома полни со одлични впечатоци од ова гостување.

Високо признание за нивната успешна работа е и одликувањето што Драмскиот театар го доби од претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, за кое актерите дознаа неколку часа пред настапот во Белград.

Во претcтавата играат Драган Спасов-Дац, Јелена Жугиќ, Роберт Вељановски, Рубенс Муратовски, Биљана Беличанец, Дејан Лилиќ, Филип Трајковиќ, Крсте Јовановски, Драгана Левенска, Зоран Љутков, Гордана Ендровска, Жарко Димоски, Димитрија Доксевски и Александар Степанулески.

dramski_belgrad_640_-4