Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, Емил Димитриев, денеска оствари средба со Здравко Почивалшек, министер за економски развој и технологија на Република Словенија.
На средбата беа поздравени одличните политички односи помеѓу двете земји кои се карактеризираат со пријателство, меѓусебно почитување и соработка.
Беше изразено задоволство и од трендот на раст на билатералната економска соработка и трговската размена, информираат од владината прес-служба.
Премиерот Димитриев истакна дека Владата има силен фокус кон реализација на економските политики и реформи кои резултираат со намалување на невработеноста и обезбедување на економски раст, притоа истакнувајќи дека Република Македонија има силен интерес за дополнително продлабочување на економската соработка со Република Словенија.
Стана збор и за можноста за унапредување на соработката на полето на странските инвестиции, при што беше потенциран фактот дека добрата бизнис клима која ја нуди Република Македонија е шанса за влез на нови и проширување на капацитетите на постојните словенечки инвестиции во земјата, за што се разгледуваат повеќе опции.
Соговорниците разговараа и за можностите за унапредување на соработката во областа на туризмот.
Министерот Почивалшек истакна дека постои потенцијал за дополнително зголемување на бројот на словенечки туристи во Република Македонија, за што во следниот период ќе продолжат консултациите за конкретни проекти на соработка за реализација за оваа цел.
Двете страни разговараа за опциите за реализација на проекти во областа на енергетиката за што веќе постои дијалог на ниво на министерствата од двете земји.
Претседателот на Владата Димитриев и министерот Почивалшек ја истакнаа потребата од интеграција на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, и изразија силна заложба за ангажман за дополнително унапредување на соработката помеѓу двете земји во сите сфери од взаемен интерес.