Светиот апостол Јаков и Преподобен Андроник и неговата сопруга Анастасија

Светиот апостол Јаков

Син Алфеев и еден од Дванаесетте големи апостоли. Роден брат на евангелистот Матеј. Сведок на словото на вистината и на чудата на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, сведок на Неговото страдање, Воскресение и Вознесение. По слегувањето на Светиот Дух на Педесетница, на апостолот Јаков му падна во дел да го проповеда Христовото Евангелие во Елефтеропол и околните места, потоа во Мисир, каде што и пострада за својот Спасител. Со голема сила и на збор и на дело Св. Јаков ја разнесуваше благовеста за воплотениот Бог Слово, уривајќи го идолопоклонството, од луѓето изгонувајќи ги демоните, лечејќи секаква мака и болест со името на Господ Исус Христос. Неговиот труд и неговата ревност беа крунисани со голем успех. Многумина незнабожци поверуваа во Господа Христа, се основаа и устроија цркви, беа поставени епископи и свештеници. Пострада во Мисир, во градот Острацин, распнат на крст од незнабожците. Така овој голем и прекрасен апостол се пресели во Небесното Царство, за со Царот на славата да царува бесмртно.

Преподобен Андроник и неговата сопруга Анастасија

Антиохиски граѓани од времето на Теодосиј Велики. Андроник беше златар по занает. И тој и жена му беа многу благочестиви и непрестајно се трудеа да одат по патот Господов. Од својата заработка една третина им даваа на сиромашните, друга на Црквата, а со третата се издржуваа. Откако им се родија две деца, се договорија да живеат како брат и сестра. Но по неиспитливата Божја Промисла децата им умреа во еден ден двете. И родителите беа во голема тага с ѐ додека Светиот маченик Јулијан не ѝ се јави на Анастасија на гробиштата и не ја утеши со веста дека нивните деца се во Царството Божјо и дека им е подобро таму одошто со родителите на земјата. По ова обајцата оставија с ѐ и појдоа во Мисир, каде што примија монашки чин – Андроник кај Старец Даниил во Скитот, а Анастасија во женскиот манастир во Тавенисиот. Откако му угодија на Бога со своите долгогодишни подвизи, се преселија во Царството Небесно, најпрво Св. Анастасија, а потоа осум дена по неа и Св. Андроник.