Меѓународната конференција БАМ во Мостар, Босна и Херцеговина

Пред претставниците на сите земји учеснички на Конференцијата, меѓу кои: Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија и домаќинот Босна и Херцеговина, Шехаби подвлече дека културното наследство на Република Македонија, и од историски и од културолошки аспект, е еден од главните атрибути за препознатливост и промоција на нашата држава на културните мапи на Европа …

На 28-ми и 29-ти овој месец во Мостар, Босна и Херцеговина, се одржа деветтото издание на Меѓународната конференција на Асоцијацијата за информациски професионалци од библиотеките, архивите и музеите, настан со меѓународна важност чиј фокус се дискусиите за европските насоки за остварување соработка меѓу овие институции, како и за програмите за заштита, промоција и доближување на културното наследство до пошироката јавност.

Државниот секретар во Министерството за култура на Република Македонија, Бехиџудин Шехаби, присуствуваше на Конференцијата и на вториот ден имаше свое обраќање пред присутните, при што имаше можност да ги презентира активностите што ги презеде Република Македонија во изминатиот период на полето на културното наследство, но даде и генерален осврт на сите останати сегменти од културата воопшто.

„Сакам јавно да се заблагодарам и на домаќините Асоцијацијата БАМ и на Федералното министерство за образование и наука за одличната организација на оваа конференција и да го изразам моето уверување дека ќе дадеме свој придонес кон афирмацијата на културата и културното наследство кое за сите земји во овој регион е специфичен белег на препознатливост и идентификација на нашите држави во поширок контекст“, подвлече на почетокот на своето излагање државниот секретар Шехаби.

Пред претставниците на сите земји учеснички на Конференцијата, меѓу кои: Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија и домаќинот Босна и Херцеговина, Шехаби подвлече дека културното наследство на Република Македонија, и од историски и од културолошки аспект, е еден од главните атрибути за препознатливост и промоција на нашата држава на културните мапи на Европа. Токму затоа една од највисоките заложби на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура е заштитата на културното наследство, валоризирањето на неговите потенцијали, но, се разбира, и промоцијата на сите вредни артефакти кои го потврдуваат нашето траење во историски контекст.

Еден од заклучоците беше дека сите библиотеки и артефакти во музеите треба да бидат достапни до јавноста, а особено до истражувачите, преку системот ЕБСЦО (EBSCO), кој претставува информативен сервис чија основна цел е да им помогне на библиотеките и на другите институции во креирањето на концептите, можностите и начините како корисниците да добиваат што поефикасен и подобар пристап на информации и услуги.

Државниот секретар Шехаби ги нагласи одличните односи во областа на културата што ги негуваат Република Македонија и Босна и Херцеговина.

„Соработката во областа на културата меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина е регулирана со Спогодба потпишана во 2003 година во Сараево. Во согласност со Спогодбата, Министерството за култура на Република Македонија иницираше потпишување на Програма за културна соработка за периодот 2016-2019 година со што верувам дека во иднина ќе се унапредат нашите односи“, додаде државниот секретар во Министерството за култура на Република Македонија.

Последниот ден, по затворањето на Конференцијата, присутните гости заедно со организаторите направија прошетка низ Стариот мост и во Народниот музеј на Мостар, каде што имаа можност подетално да се запознаат со културните капацитети и воопшто со културниот амбиент на Мостар.