Голем успех за македонскиот кендо-иаидо клуб „Јошин“ на меѓународниот турнир во Солун

По повод големиот успех на кендо-иаидо македонскиот клуб „Јошин“ од Скопје со освоеното прво место и златниот медал во екипна конкуренција на престижниот меѓународен турнир во Солун, директорот на Агенцијатa за млади и спорт Марјан Спасески организираше прием за македонските кедно иаидо натпреварувачи.

Директорот Спасески ја искористи оваа прилика да им честита на спортистите за големиот успех и им порача да продолжат со вакви настапи и да ја радуваат македонската спортска јавност.

„Ми претставува сатисфакција тоа што со превземените мерки за развој на спортот на Агенцијата за млади и спорт како што се стипендиите за млади талентирани спортисти до 20 години, мерките почнаа да даваат резултати. Владимир Кескоски и Матеј Ивановски беа стипендисти на Агенцијата за млади и спорт до 20 години и веќе почнаа да постигнуваат високи резултати. Драго ми е што и останатите спортисти постигнаа високи резултати како Ивона Лазаровска која го освои третото место (кју), а Андреј Атанасовски, Матеј Ивановски и Александар Петрески стигнаа до четврт-финалето, додека Владимир Кесковски беше најдобар и во поединечна конкуренција освојувајќи го златото во сениорска конкуренција. На крај, сакам да му честитам и на Златко Кескоски кој беше втор во категоријата сениори“. – изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и додаде дека резултатите на нашите натпреварувачи покажуваат и докажуваат дека кендо-иаидо во нашата држава е во голем подем и допрва ќе очекуваме уште високи резултати.

Од страна на Златко Кескоски претседател на Кендо-Иадо федерацијата на Македонија беше изразена големата благодарност за помошта која Агенцијата за млади и спорт посебно за стипендиите за млади спортисти, како и за програмата за стручно усовршување во странство каде Владимир Кескоски беше испратен во Јапонија на стручно усовршување и спортско надобразување, со што со стекнатото знаење од Јапонија успеа да го направи овој голем резултат.

Инаку на овој голем меѓународен турнир, кој се одржа по 11-ти пат, настапија над 200 натпреварувачи од 24 екипи, најмногу од Грција, но и од Англија, Унгарија, Италија, Белгија и од Македонија.