Претседателот Иванов во посета на Велес

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го посети Велес, каде беше информиран за севкупниот развој на општината, за економската состојба, како и за идните планови и проекти со цел нејзин натамошен напредок.

На средбата беше поздравена иницијативата за обновување на идејата за реализирање на проект, со цел пловност на реката Вардар, како и регионалниот проект за поврзување на реките Вардар, Морава и Дунав со Егејското Море. Во тој контекст, се разговараше за придобивките и значењето за општина Велес кои би произлегле од остварувањето на тој проект. Претседателот Иванов посочи дека овој проект ќе подразбира отворање на нови можности на економиите, нови инвестиции и работни места. Воедно, изградбата на овој канал, додаде македонскиот претседател, ќе има огромно значење и за развој на земјоделството, подобрување на хидролошката состојба, создавање на обновливи извори на енергија, развој на туризмот, што е особено значајно за градовите низ кои тече реката Вардар.

На средбата со градоначалникот на Велес, г. Славчо Чадиев, претседателот Иванов беше информиран за тековните проекти во општина Велес, со цел подобрување на патната инфраструктура, како и за активностите во насока на подобрување на севкупните услови за граѓаните. Градоначалникот на Велес воедно го запозна претседателот Иванов со економските потенцијали и со индустриските капацитети со кои располага општината

Градоначалникот на Велес изрази задоволство од посетата на претседателот Иванов и се заблагодари за сестраната поддршка од претседателот Иванов и неговите заложби за унапредување на севкупната клима и отворањето на нови можности за локален развој и просперитет.

Во рамки на денешната посета на општина Велес, претседателот Иванов ја посети фабриката на германската групација „Маркарт”, како најголема странска инвестиција во индустриската зона Караслари, каде беше запознаен со производствените капацитети, бизнис плановите и развојните цели на фабриката.

Македонскиот претседател, во Велес го посети и седиштето на повардарската епархија, каде оствари средба со митрополитот г. Агатангел.

poseta_fabrika_13