Четвртата светска конференција за религиски и меѓуцивилизациски дијалог ќе се одржи од 3 до 5 ноември во Битола во рамките на Глобалната агенда на Обединетите нации и УНЕСКО за дијалог меѓу цивилизациите и Декадата на УНЕСКО за помирување на културите. Ќе учествуваат повеќе од 150 претставници од сите светски религии, невладини организации, професори и експерти од целиот свет.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која рече дека централна тема на Конференцијата годинава е „Миграцијата и предизвикот на интеграцијата преку дијалог меѓу религиите и културите“, а поттеми се „Семејството – извор и простор за градење и чување на достоинството на човекот и место за раст во верата“ и „Употребата и злоупотребата на современите начини за електронска комуникација и на социјалните мрежи (религиски поглед)“.
Конференцијата за религиски и меѓуцивилизациски дијалог ќе биде отворена на 3 ноември со обраќања на претседавачот Валентина Божиновска, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, а учесниците ќе ги поздрави и претседателот Ѓорге Иванов.
Министерката нагласи дека во рамките на Конференцијата ќе се одржи Форумот на катедрите на УНЕСКО од Југоисточна Европа насловен „Погледите на катедрите на УНЕСКО од ЈИЕ кон миграциите, бегалските кризи и тероризмот како предизвици за интеркултурниот и меѓурелигискиот дијалог”.
„Со посебни активности, беседа на г. Петар, митрополит преспанско-пелагониски и администратор австралиски и новозеландски, ќе биде одбележан и јубилејот „1100 години од упокојувањето на сесловенскиот просветител свети Климент Охридски“, а ќе биде отворена и изложбата „Мајка Тереза – светица од Скопје, светица на светот“, која беше претставена и во Рим, по повод одбележувањето на канонизацијата на Мајка Тереза“ – рече Канческа-Милевска.
Таа укажа на една, како што рече, значајна активност, а тоа е промоцијата на публикацијата од Третата светска верска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која се одржа во Скопје, во 2013 година, која ќе им биде подарена на гостите, а во која се содржани обраќањата на еминентните светски верски лидери, државници и професори, кои партиципираа на оваа конференција.
Конференцијата завршува со избор на Меѓународен организациски комитет за Петтата светска конференција и со заедничкото усвојување на Нацрт-декларација. Учесниците на Конференцијата, истакна министерката, ќе имаат можност да се запознаат и со сите културно-историски споменици кои се наоѓаат во битолскиот регион, како што се археолошкиот локалитет Хераклеја, Еврејските гробишта, старото јадро на градот, Градскиот часовник, црквата „Свети Димитрија“, Јени џамија, Исаак џамија, Безистенот, Католичката црква и сите други значајни места преку кои се отсликуваат нашите длабоки историски и мултикултурни корени.
„Преку трите верски конференции кои ги реализиравме во 2007, 2010 и 2013 година, ние несомнено го афирмиравме уште повеќе стимулативното богатство на различностите, културната размена и нашата меѓусебна соработка, но се промовиравме и како лидер во градењето на една глобална платформа за меѓурелигиски дијалог, соживот и толеранција. Наша цел беше, по Охрид и Скопје, учесниците на Конференцијата да се запознаат и со импозантната историја и непроценливо културно наследство на конзулска Битола во чија архитектоника се претставени духовната и материјалната вистина за развојот на цивилизацијата на нашата почва “– рече Канческа-Милевска.
Таа додаде дека токму културната и религиската разноликост на Република Македонија и богатството што го поседуваме и кое е резултат на премрежувањето на различните култури и цивилизации за нашата држава претставува предност и е извор на голем креативен потенцијал.
Митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиски и новозеландски, г. Петар, рече дека Конференцијата е од суштествено значење, особено што се случува токму во нашата земја. Осврнувајќи се на миграцијата, тој посочи дека ако од некаде најмногу мигрирале или емигрирале луѓето, тоа е од Македонија и од егејскиот и од пиринскиот дел.
„Во тој контекст на нештата само можеме да му благодариме на Бога што никогаш не се создавале некакви проблеми во другите земји каде што тие луѓе отишле, проблеми какви што денес се присутни преку миграцијата. Покрај оние што заради опстојот свој и заради насушниот леб ги напуштаат земјите во кои има војни, се провлекуваат и оние што прават сериозни проблеми, а тоа се терористите кои му се закануваат на целиот свет “- истакна г. Петар.
Сепак, митрополитот г. Петар нагласи дека Македонија е земја на која и треба разбирање и за се што има, секакви проблеми, потребен е дијалогот. – Ако некаде дијалогот е најпотребен да се случува, тука треба да се случува, но не да биде само празни ветувања или зборови кои ќе ги задоволат само желбите за средби и комуникации, туку тие средби од тој меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог да дадат достоен плод во смисла на надминување на сите проблеми почнувајќи од религиските и меѓуцивилизациските проблеми – додаде г. Петар.
verska_konferencija_640_-4
Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска рече дека се одлучиле за оваа тема на Конференцијата бидејќи смета дека сме лидери во овој момент во претседавањето на проблемите со мигрантската криза.
– Ние бевме единствената држава која во време на бегалската криза успеавме мигрантите во Република Македонија да ги интегрираме, а да не ги асимилираме. Ние успеавме со еден силен менаџерски состав од институциите да ги згрижиме, да поминат по балканската рута. Но, она што е значајно да се напомне е дека односите со соседна Грција и Србија беа на такво високо ниво што Македонија подоцна доби комплименти од страна на ЕУ – истакна Божиновска.
Таа додаде дека темата на Четвртата светска конференција за религиски и меѓуцивилизациски дијалог е една од најмаркантните и најклучните.
Претставникот од Католичката црква, Спасе Спасов, рече дека Македонија е мултиконфесионална земја и како таква има што да му пренесе на светот од своето богато искуство на меѓурелигискиот дијалог, а со тоа да придонесе и на светско ниво.