Николовски: Нова кривична пријава за злоупотреби во МЗШВ

СДСМ со соопштение до медиумите, во кое стои:

„Во конечниот извештај од 65 страници на овластениот државен ревизор за 2013-2015 година се утврдени низа неправилности што ги потврдуваат погрешните и криминалните политики во земјоделството што се правеле во овој период.

Бидејќи сите факти утврдени во ревизорскиот извештај не допираат до Јавното обвинителство за да постапува по нив, ние поднесовме кривична пријава против службено лице во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кое постапувало спротивно на законите во РМ, а со таквото работење нанело штета и на средствата на Буџетот на РМ и потешко ги повредило правата на закупците.

Во ревизорскиот извештај е констатирано дека врз основа на објавени повеќе огласи за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост под закуп, за површините што се објавуваат во јавните огласи за давање под закуп и кои се утврдуваат врз основа на распложливите катастарски податоци содржани во имотните листови од Агенцијата за катастар, не се извршило увид на лице место за потврдување на фактичката состојба.

Потоа, не е предложено спроведување на инспекциски надзор, ниту се превземени сите потребни мерки и активности за утврдување на причините кога дел од избраните најповолни понудувачи доставиле изјава заверена на нотар дека се откажуваат од договорот.

Сите акти кои ги изработувала и потпишувала Комисијата за спроведување на постапка по еден оглас, кои се однесуваат на различни региони се заведувале под ист деловоден број и датум.

Не се водела грижа за целосна и навремена наплата на закупнината и неосновано се раскинувале договори за закуп на штета на закупците.

По раскинувањето на договорот за закуп, земјоделското земјиште не е вратено во првобитна состојба и не е составен записник за враќање во владение, односно утврдено е противправно користење на земјоделското земјиште во државна сопственост без плаќање закупнина.

Немало воведено апликација за водење на земјишен регистар, генерирање на потребна база на податоци за земјоделско земјиште, следење на соодветна наплата и подобрување и зголемување на инспекцискиот надзор.

Иако од страна на Комисијата за спроведување на постапка е даден предлог за поништување на целиот јавен оглас за површини до 10 хектари во 2014, бидејќи биле објавени површини поголеми од 10 хектари и како услов не бил утврден наведен материјална-техничка омпременост на понудувачот, министерот поништил една од постапките, иако во јавните огласи не била барана документација за докажување и материјално-техничка опременост како учество на огласот, а биле избрани најповолни понудувачи и склучени договори за закуп.

Биле склучени договори за закуп на површини над 10 хектари, а по објавен оглас во 2014 година, иако избраните најповолни понудувачи не доставиле банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот.

Не биле превземени мерки за наплата на закупнината, така што за периодот од 1999 до 2013 година се водат 282 субјекти за износ од 162.134.000 денари.

Едно треба да биде јасно, секој што го прекршил законот мора да одговара. Ваквите злоупотреби мора да бидат санкционирани и за секоја повреда на законите, ќе следува одговорност.

Пред законот сите мора да бидат еднакви.“– стои во соопштението на СДСМ.