Селекторот Ангеловски го објави списокот со повикани фудбалери за натпреварот против Шпанија

Македонската А репрезентација на 12 ноември во Гранада против Шпанија ја очекува нов двобој во квалификациите за Светското првенство во Русија 2018 година. Селекторот на нашата репрезентација Игор Ангеловски се одлучи за значителни промени во однос на играчкиот кадар кој ќе им се спротивстави на Светските шампиони од 2010 година во однос на натпреварите од првите три круга. Во составот на А репрезентацијата на Македонија за дуелот со Шпанија се повикани седуммина фудбалери од репрезентацијата до 21 година која избори пласман на Европското првенство во Полска идната година. Селекторот Ангеловски ја остава отворена можноста да прати дополнителен повик по завршувањето на саботното коло од македонскиот шампионат.

Голмани: Игор Алексовски (Вардар), Столе Димитриевски (Гимнастик, Шпанија), Филип Гачевски (Вардар);

Одбрана: Стефан Ристовски (Ријека, Хрватска), Леонард Жута (Ријека, Хрватска), Даниел Мојсов (АЕК Ларнака, Кипар), Ванче Шиков (Нефчи, Азербејџан), Кире Ристевски (Вашаш, Унгарија), Ѓоко Зајков (Шарлроа, Белгија), Дарко Велковски (Вардар);

Среден ред: Ферхан Хасани (Шкендија), Стефан Спировски (Вардар), Никола Ѓорѓев (Грасхоперс, Швајцарија), Езџан Алиоски (Лугано, Швајцарија), Бобан Николов (Вардар), Енис Барди (Ујпешт, Унгарија), Давид Бабунски (Црвена Звезда, Србија);

Напад: Горан Пандев (Џенова, Италија), Илија Несторовски (Палермо, Италија), Бесарт Ибраими (Шкендија), Кире Маркоски (Работнички);

Собирот на најдобрата репрезентација е закажан за 7 ноември во хотел „Гранд Плаза“ во Скопје во 12:00 часот. Првиот тренинг на 7 ноември (понеделник) е во 17:30 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“. На 8 (вторник) и 9 ноември (среда) тренинзите ќе се одработат во 12:00 часот во центарот „Петар Милошевски“.

По објавувањето на списокот, селекторот Ангеловски даде свое видување за играчкиот кадар во селекцијата и очекувањата од натпреварот. Предводникот на нашата најдобра селекција на прес-конференцијата истакна дека очекува амбициозна Македонија на пресметката против трикратниот Европски шампион и мундијалски победник од 2010 година.

„Тоа што како стручен штаб го најавивме кога ни беше укажана довербата да ја предводиме А селекцијата на Македонија започнуваме да го реализираме. На почетокот од нашата работа поставивме три важни цели. Да создадеме тим кој ќе биде спој на искуство и младост, да се обидеме таа екипа да функционира и квалитетно да се спротиставува на секој противник и да бележиме подобри резултати во однос на претходните квалификации. Првите две главни цели мислам дека сме на добар пат да ги оствариме, а до крајот од циклусот ќе сториме сѐ да го подобриме пласманот и рејтингот на македонскиот фудбал. Фудбалерите кои се повикани од младата репрезентација го заслужија повикот, со пласманот на Европското првенство остварија историски резлутат и самите се наметнаа во најдобрата репрезентација, а не само затоа што јас ветив дека ќе им дадам шанса или затоа што јавноста тоа го бара“.

Селекторот Ангеловски истакна дека јавноста треба да има трпение кога е во прашање вклучувањето на играчите од составот до 21 година во најдобриот национален тим.

„Треба да имаме трпение, очекувам амбициозна Македонија, но не треба еуфорично да го прифаќеме фактот што сега во тимот имаме неколкумина од младата репрезентација. Мора да бидеме внимателни, да ги користиме на позиции каде што е најнеопходно и постепено да го дополнуваме квалитетот на сето она што досега го одигравме во квалификациите“.