Целосно е обновен вредниот фрескоживопис во манастирот „Св. Пресвета Богородица“ во с. Велушина, Битолско

Почитувани, Целосно е обновен вредниот фрескоживопис во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велушина, Битолско, исклучително значаен споменик на културата кој поседува хронолошки сликарски слоеви од 12 до 19 век.

Ова го соопшти минисерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во рамките на денешната посета на Велушина каде од страна на директорот на Завод и музеј Битола и стручната екипа се информираше за текот на реализацијата на целиот проект.

Канческа-Милевска истакна дека е сочуван еден многу редок и особено колоритен фрескоживопис со огромна културна вредност. Таа потсети дека на процесот на конзервација му претходеле неколку активности, меѓу кои и археолошките истражувања кои се реализираа во 2013 и 2014 година, како и целосната дренажа на црквата со што овој значаен споменик на културата беше заштитен од влага. Исто така, извршени беа детални и комплексни истражувања врз живописот во олтарот, наосот и нартексот на површина од 300 метри квадратни, а се изготви и прецизна дигитална и техничка документација на фрескоживописот.

Стручните екипи изработија и обемна архитектонска документација на постојната состојба на црквата.

dsc_0049-001

Министерката за култура Канческа-Милевска го изрази своето задоволство од целокупниот процес на конзервација на фрескоживописот кој се реализираше во две етапи, во 2015 и 2016 година, при што е заштитена вкупна површина од 300 метри квадратни, за што од буџетот на Министерството за култура беа издвоени 1.5 милиони денари.

-На овој комплексен проект работеа 30-тина стручни лица од установата Завод и музеј Битола и надворешни соработница кои сметам дека на одличен начин го реализираа проектот. Ќе напоменам дека реализацијата на овој проект има големо значење за жителите на Велушина кои сите поголеми празници ги прославуваат во овој храм, но и за промоцијата на богатото културно наследство по кое е прочуен овој регион во пелагонискиот крај, истакна Канческа Милевска.

Жителите на село Велушина и се заблагодарија на министерката за култура за поддршката на овој проект и и подарија монографија за Велушина кое е место со бројни културно-историски локалитети.

Директорот на завод и музеј Битола, Зоран Алтипармаков информираше дека следната година ќе се пристапи кон конзервација на вредниот иконостас и иконите во црквата Пресвета Богородица во Велушина, а за 2018 година ќе се интервенира и врз архитектурата на овој значаен споменик на културата.

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во село Велушина е комплексен објект со досега констатирани четири фази на градба. Обновувањата датираат од крајот на 10 и почетокот на 11 век, потоа 12 и 13 век, а во текот на 16 и 19 век била извршена најголемата реконструкција на црквата. Со археолошките истражувања, откриени се темели од постар сакрален објект од 6 век.

dsc_0076-001