Европската централна банка (ЕЦБ) и Народната банка на Република Македонија (НБРМ) го завршија Проектот за соработка чијашто цел беше да се помогне на НБРМ да ги унапреди подготовките за приклучување кон Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ), откако земјата ќе пристапи кон Европската Унија.
Со средства во износ од 405.000 евра од ЕУ и 45.000 евра од НБРМ, деветмесечниот проект за анализа на потребите, којшто започна во октомври 2012 година, беше координиран од страна на ЕЦБ и спроведен во соработка со централните банки на Австрија, Бугарија, Естонија, Германија, Ирска, Италија, Малта, Холандија, Словенија, Словачка и Шпанија. Главната цел беше да се утврдат областите во кои НБРМ може да постигне напредок со спроведувањето на новите правила или политики, менувањето на практиките и обуката на персоналот во наредните години со цел да биде подготвен за приклучување кон ЕСЦБ, којшто се состои од централните банки на сите земји-членки на ЕУ.
Вкупно 25 експерти од централните банки учеснички работеа заедно со своите колеги од НБРМ во десет различни области, вклучувајќи ги и основните централнобанкарски функции (монетарна политика, економска анализа, платни системи, статистика, банкноти) и помошните функции (како што се сметководството, правните услуги, информатичката технологија, внатрешната ревизија и човечките ресурси).
Во Извештајот за анализата на потребите се заклучува дека НБРМ веќе има воспоставено практики и политики коишто се еднакви или блиску до стандардите на ЕУ во многу области и претставени се препораки за натамошно подобрување, особено во областите каде што треба да се направи напредок кон постигнување на нивоата на ЕУ. Наодите од Извештајот ќе бидат вградени во стратегиското планирање на НБРМ.
Говорејќи на завршната церемонија во Скопје, гувернерот Богов ја нагласи силната заложба на НБРМ за спроведување на препораките дадени во Извештајот, истакнувајќи дека: „Тие ќе бидат почетна точка за утврдување на идната стратегија на НБРМ за приклучување кон Европскиот систем на централните банки во процесот на пристапување кон ЕУ, а потоа и во Евросистемот“.
На свеченоста присуствуваа и членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Јорг Асмусен и амбасадорот и шеф на делегацијата на ЕУ во Скопје, Аиво Орав. Сите страни ја потврдија својата подготвеност за поддршка на НБРМ во остварувањето на нејзините цели.
Членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Јорг Асмусен, рече: „Силната ЕУ мора да се заснова на силни институции во секоја земја-членка, а ние им помагаме на земјите коишто сакаат да се приклучат кон Европската Унија. ЕЦБ е задоволна од одличната соработка меѓу сите страни вклучени во Проектот, што придонесе за висококвалитетен извештај.“
„Успешното спроведување на Проектот претставува значајно достигнување со заедничката посветеност на ЕУ и ЕЦБ, заедно со централните банки на земјите-членки на евро-зоната, за поддршка на Народната банка како една од клучните јавни институции. Извештајот дава вредна основа за идната помош на Народната банка“. – рече амбасадорот Орав.