МВР: Законот мора да важи за сите

Министерството за внатрешни работи реагира на бескрупулозниот обид направен со прес-конференцијата на Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, дополнителниот заменик министер Диме Спасов од сторител на неколку прекршоци да го претвори во жртва. МВР во врска со овој случај истакнува, дека во сите фази на постапката настојуваше да обезбеди високо ниво на професионалност и непристрасност што треба да биде стандард до кој тежи секој државен орган во Република Македонија. Оливер Спасовски како актуелен Министер за внатрешни работи е функционер кој е апсолутно свесен за последиците од своите постапки и тежината на своите изјави, што може да биде пример за некои други функционери во државата.

Во контекст на погоре наведеното, Министерството за внатрешни работи на РМ, укажува дека

– Диме Спасов-актуелниот дополнителен заменик министер во МТСП на РМ со службено возило на Агенцијата за вработување, надвор од работното време во петок на 28 . 10 . 2016 година предизвика собраќајна незгода, и на двапати го напушти местото на настанот.

– Диме Спасов – актуелниот дополнителен заменик министер во МТСП на РМ не ги почитуваше наредбите и знаците на униформираните лица за застанување на возилото.

– Диме Спасов – актуелниот дополнителен заменик министер во МТСП на РМ се оддалечи, односно избега од службените лица, и во ПС Карпош се појави да даде исказ, 24 часа по извршување на делото

– Диме Спасов – актуелниот дополнителен заменик министер , заедно со лицата кои се обидуваа да го заштитат, неколку пати ги менуваа изјавите во врска со настанот.

– Диме Спасов – актуелниот дополнителен заменик министер во МТСП на РМ, е лицето кое ќе биде гонето за прекршување на три члена од ЗБСП и тоа:

1. Член 215 став 1, алинеја 1 и 3, а казниво по став 5 ( (напуштање на местото на сообраќајната незгода и неизвестување на МВР и да се врати на местото до доаѓање на полицискиот службеник кој врши увид);

2. Член 211 став 1, а казниво по став 4 (не постапил по барањата изразени со помош на знаци или по наредба на униформираните полициски службеници); и

3. Член 33 став 1, а казниво по став 5 (не ја приспособил брзината на движење на возилото кон својствата и состојбата на патот, видливоста, прегледноста, атмосферските услови, состојбата на возилото и товарот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, на начин да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка што под дадените услови може да ја предвиди).

Диме Спасов е се уште актуелен дополнителен заменик министер на МТСП на оваа држава.

Министерството за внатрешни работи сега и во иднина ќе работи професионално, со почитување на сите стандарди, со цел да се казнат сите што ги кршат законите без разлика која функција ја вршат во моментот и на која политичка опција припаѓаат. Законите мора да важат подеднакво за сите.