Во овој момент и самиот Зоран Заев знае дека ќе ги загуби изборите кои претстојат, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на 17. Конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, која се одржа во спортскиот центар „Борис Трајковски“, во Скопје.
„Зошто Заев не може да победи и самиот е свесен за тоа? Затоа што нема што да понуди, затоа што никој не верува дека тој човек може да биде премиер. Затоа што сите знаат дека тоа што денес го кажува утре нема никаква вредност. Зборот за него не вреди. Тоа е човек кој пред најблиските со гордост вели дека нема проблем да излаже нешто денес и да го заборави утре. Човек кој молел кај странци да ја уназадат Македонија во евроатланските интеграции, само за да може да ја критикува нашата Влада. Човек кој нуди насекаде работи кои не може да ги реализира мислејќи дека ќе прелаже некого да гласа за него“ – рече Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека и досега имале многу проекти кои им го олеснувале животот на жените во Македонија, но најави и нови проекти во новата програма.
„Досега многу работи поврзани со жените ги ветивме и реализиравме. Се овозможи неплатено родителско отсуство, надоместок за плата поради бременост, раѓање и родителство, 15 месеци породилно отсуство за мајка на близнаци, се донесе законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, се изврши зголемување на посебните додатоци, додаток за трето дете, се изградија над 80 детски градинки, се изградија 532 станови за млади брачни парови, се намали ДДВ-то за бебешки производи, се воведе и прошири проектот за бесплатно ин витро за трето и четврто дете и мноштво други мерки и проекти. И со новата програма се предвидуваат многу нови мерки и проекти со кои ќе се помогне или олесни животот на жените и мајките“ – истакна Груевски.
Тој најави и четири нови инвестиции.
„Прва добра вест е дека една Чешка голема компанија која се занимава со железнички транспорт и шински возила донесе одлука да инвестира во Македонија и да вработи најмалку 600 невработени лица, при што во првата фаза ќе вработи 150 до 200 лица. Тие планираат да отворат нов погон за одржување на шински возила во Скопје, со кој ќе ги сервисира активностите поврзани со железнички транспорт на компанијата во повеќе земји од поширокиот регион. Се планира инвестиција во вредност од 20 милиони евра и се очекува изградбата да почне во првата половина на 2017-та и за неполна година да започне со работа. Втора добра вест е тоа дека американска компанија влегува на македонскиот пазар отворајќи канцеларија во Битола со план да вработи 300 лица. Трета добра вест е за Крива Паланка. Словенечка компанија во браунфилд објект ќе отвори производство на ранци за деца кои ќе ги пласира на европскиот пазар. За почеток ќе почнат скромно со 50 вработувања со развојни планови за раст и за градба на гринфилд објект. Исто така инвестиција која ја обезбеди Џери Наумоф. Четврта добра вест е што американската компанија Амфенол, почнува со градба нов погон за автомобилски делови во Кочани“ – изјави Груевски.
Извор: meta.mk