По повод на продлабочување на соработката помеѓу Кембриџ и Министерството за образование и наука во Република Македонија, денес министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу присуствуваше на настанот за потпишување на договорот за продолжување на соработката со Меѓународниот центар за наставни програми при Универзитетот Кембриџ во следниот четиригодишен период.
Присутни на настанот беа и заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, директорот на Меѓународниот центар за наставни програми – Кембриџ, г. Мајкл O’саливан, директор за развој при Меѓународниот центар за наставни програми – Кембриџ, г-ѓа Клаудија Бигфорд Смит, раководител на меѓународни проекти во Меѓународниот центар, г-ѓа Хедер Сондерс,и директорот на Бирото за развој на образованието во Република Македонија, Г-ѓа Весна Хорватовиќ.
“Станува збор за соработка со врвна светска институција во областа на креирањето и снабдувањето на земјите со квалитетни наставни програми и учебници. Институција со која, во изминатите четири години, заедно со многу труд и посветеност, успеавме да создадеме модерен и конкурентен национален образовен систем на основно образование, во кој сите ученици, математиката и предметите од групата на природните науки – хемија, физика и биологија, ги изучуваат преку најсовремени наставни програми и учебници адаптирани на нашите национални особености, кои значително го променија и унапредија текот и концептот на наставата. “- рече Лутфиу.
Во своето обраќање министерот за образование и наука ја истакна целта и макотпрната работа во текот на последниве 3 години, која сега ја постигнаа.
“Оваа соработка за нас е исклучителна чест и привилегија. Станавме единствената земја во регионот којашто го воведе Кембриџ образовниот систем во основното образование. Како што и на почетокот напоменав, продолжуваме со воведувањето на ова квалитетно системско решение на национално ниво, преку реформирањето на наставните програми и учебници по математика и природни науки и во средното образование, во сите средни стручни и гимназиски училишта. “– истакна министерот Лутфиу.
Овој договор, освен адаптација и испорака на наставни програми, врз основа на кои потоа ќе се изработуваат учебници, вообичаено вклучува и обука, континуирана стручно – советодавна поддршка за наставниците по конкретните предмети, но и мониторинг на целокупната имплементација.
Новиот договорот за соработка го потпишаа: г-ѓа Весна Хорватовиќ, директор на Бирото за развој на образованието и г. Мајкл О’саливан, генерален директор на Меѓународниот центар за наставни програми Кембриџ.