Средба на министерот Спасовски со амбасадорката на Германија

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одржа работна средба со амбасадорката на Република Германија Н.Е. Кристине Алтхаузер. На средбата двајцата соговорници разговараа за улогата на МВР во обезбедувањето на фер и кредибилни избори на 11 декември и соработката со Државната изборна комисија и Специјалното јавно обвинителство.

Министерот Спасовски ја информираше амбасадорката Алтхаузер дека МВР ќе направи се што е потребно за да можат граѓаните самостојно да ја донесат својата одлука на 11 декември. Исто така ја потенцираше решеноста дека нема да дозволи било какви злоупотреби на институцијата од страна на било која политичка партија.

Министерот Спасовски изрази благодарност за досегашната помош и поддршка од страна на Република Германија и изрази надеж дека соработката меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Сојузното Министерство за внатрешни работи на Сојузна Република Германија ќе продолжи да се одвива во духот на традиционално добрите пријателски односи меѓу двете земји.