Европската комисија ги објави најновите Извештаи за напредокот на земјите кандидати за членство во Европската Унија, при што Република Македонија по осми пат доби препорака за отворање на преговорите за членство во ЕУ, условена со целосно реализирање на Пржинскиот договор преку спроведување на кредибилни предвремени парламентарни избори на 11 декември и имплементација на итните реформски приоритети.
Во Извештајот се дава оценка за политичката состојба во пресрет на предвремените парламентарни избори, спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, граѓанското општество, јавната администрација, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, невработеноста, регионалната соработка и добрососедските односи, човековите права, соочувањето со мигрантската криза, пазарната економија, усогласеноста со европското законодавство, како и за работата на Специјалното јавно обвинителство.
За потсетување, Република Македонија е земја кандидат за членство во големото европско семејство уште од 2005 година, но и покрај препораките на Европската комисија, поради грчката блокада, Советот сè уште нема дадено „зелено светло“ за старт на преговорите.