Традицијата продолжува. Една од најстарите спортски традиционални манифестации во нашата земја, боксерскиот турнир “Златен Гонг” годинава по 46-ти пат ќе се одржи во Скопје. Влогот на многумина низ изминативе 46 години во организирањето на овој настан придонесе “Златниот Гонг” да прерасне во спортски настан кој го промовира нашиот град и нашата држава, оставајќи траен белег низ спортот.
Токму со оддржувањето на “Златниот Гонг” ние ја продолжуваме традицијата на големи светски настани оддржани во Република Македонија.
Впрочем, меѓународниот традиционален турнир во бокс претставува едно од најголемите и најстарите натпреварувања во Европа. Благодарение на доајенот на боксерскиот спорт во Македонија, Живко Дуковски, кој е основач на овој турнир, Златниот Гонг е синоним за секое боксерско име од светската боксерска сцена. Од одржувањето на првиот “Златен Гонг” во 1969 година (во 1988 год. турнирот не се одржа), на неговиот ринг продефилираа најпознатите поранешни Југословенски боксери почнувајќи од Мате Парлов, првиот освојувач Звонко Вуин, Маријан Бенеш, па се до легендите на македонскиот бокс – Реџеп Реџеповски, Мухамед Алија, Азис Салиху, Аце Русевски, Вели Мумин, Примислав Димовски и една плејада одлични боксери и освојувачи на „Гонгот“ од светските велесили Куба, Русија, Бугарија, Србија, Италија и други.
„На мое големо задоволство, и годинава “Златниот Гонг” ќе го потврди нивото и квалитетот. Имено, учество ќе земат преку 50 натпреварувачи од 12 европски земји, кои во наредниве два дена во вип арената при СЦБТ ќе ги вкрстат ракавиците во златниот ринг. Македонската селекција ќе ја сочинуваат 6 боксери, кои ќе се натпреваруваат за еден од трите пехари и тоа, најпрестижниот Златен гонг за најдобар боксер, пехар за најдобар техничар и пехарот за најдобар Македонски боксер. Пехари ќе добијат и најдобриот тренер, најдобриот судија и секако трофеј ќе има и за најдобриот странски боксер.
Традиционално, главен покровител на овој настан е Агенцијата за млади и спорт, која годинава одвои 900.000 денари за организацијата на овој боксерски турнир.
Ја користам приликава да ги поканам сите љубители на боксот, сите љубители на спортот во нашата земја да дојдат во СЦ Борис Трајковски и во петок и сабота да проследат квалитетен бокс“, изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.
На прес конференцијата одржана во Агенцијата за млади и спорт покрај селекторот на Мкаедонската боксерска репрезентација Петре Чурлинов, зборуваа и преседателот на боксерска федерација на Македонија Игор Златков, како и супервизорот од светската и европска боксерска асоцијација хрватот Марко Марковиќ.
Марковиќ ја потенцираше важноста на постоењето на оваа манифестација не криејќи го задоволството од македонското гостопримство. Тој ги поздрави заложбите на Владата на Република Македонија околу мерките за популаризација на боксерскиот спорт во Македонија и од потребата за постоење на регионална лига која ќе ги опфати просторите на бившите Ју-републики со цел овозможување на позитивна конкуренција и омасовување на овој спорт. За таа цел е закажана средба во рамките на манифестацијата на повисоко ниво, која ќе ги опфати претседателите на скоро сите боксерски федерации во регионот и познати боксерски работници кои ќе дебатираат во насоки на формирање на регионалната лига и условите за нејзина реализација.
Сите оние кои нема да бидат во можност лично да ги проследат натпреварите, финалните борби ќе можат да ги следат на Македонската телевизија, која ќе врши директен пренос.