Изминуваат четириесет дена од физичкото заминување на основоположникот на современата статистика во самостојна Македонија

Изминуваат четириесет дена од физичкото заминување на истакнатиот општественик, статистичар и долгогодишен носител на повеќе општествено-политички функции Светлана Антоновска (1952-2016) – основоположник на современата статистика во самостојна Република Македонија и прв директор на Државниот завод за статистика по осамостојувањето на земјата.

По тој повод, на 15 ноември 2016 година (вторник), во 11 часот, нејзините најблиски, колегите, соработниците, почитувачите на нејзиниот лик и дело и нејзините пријатели ќе ѝ оддадат почит и ќе положат свежо цвеќе на нејзиниот вечен дом на градските гробишта „Бутел“ во Скопје. На церемонијата, беседи за ликот и делото на Антоновска и за нејзиното значење за поновата македонска историја ќе одржат неколкумина нејзини колеги, соработници и почитувачи – значајни личности од македонскиот општествен и политички живот.

Антоновска, на почетокот на својата работна кариера извршува повеќе општествени функции во Република Македонија, со кои дава значаен придонес за промовирање на научната мисла меѓу младите, а веднаш по осамостојувањето на земјата, со целосна одговорност го презема предизвикот за трансформација и осовременување на македонската статистика и нејзино вклучување во европското семејство на статистички организации. За кратко време успева Заводот да го вклучи во повеќе меѓународни и европски статистички институции.

Нејзиниот ангажман е од пресудно значење за обезбедување статистички податоци за Република Македонија, во најтурбулентните времиња на поновата македонска историја. Под нејзино раководство, Државниот завод за статистика го спроведе и првиот Попис на населението, домаќинствата и становите во самостојна Република Македонија, а во 1996 година, институцијата се вклучи во програмата Phare, по што се издвои и како институција којашто во својата работа ги имплементира стандардите за работа на институции на земји-членки на ЕУ.

Како статистичар, покрај извршувањето на својата раководна функција до 1997 година и во периодот од 1998 до 2001 година, Антоновска беше активен пропагатор и основоположник на унапредувањето на статистичката методологија во Република Македонија, како и за имплементирање на стандардите, класификациите и номенклатурите кои се применуваат во статистичките истражувања во Европа и во светот.

Има објавено голем број научни трудови од областа на статистиката, а беше и член на Меѓународниот институт за статистика, Конференцијата на европски статистичари, Асоцијацијата на балкански статистичари, Меѓународната асоцијација за статистичари за истражувања, Меѓународната организација на официјалната статистика, основач е на Здружението на статистичари на Република Македонија.

Одговорни функции извршуваше и во Државниот завод за ревизија и во Народната банка на Република Македонија.

За својот придонес во статистиката во земјава и на меѓународен план, добитник е на голем број меѓународни признанија, одликувања и ордени, со коишто несомнено се издвојува како меѓународно најнаградуван статистичар од Република Македонија, што говори и за нејзиниот висок углед пред меѓународната стручна и научна јавност.

Како што неодамна, на погребот на нејзините посмртни останки истакна и Васил Тупурковски, Антоновска беше, е и ќе остане пример за модел на општествено одговорна личност којашто може, знае и сака да придонесе за унапредување и развој на македонското општество и на земјава.