Шпанија 4:0 Македонија

Шпанија оствари заслужена победа над Македонија со 4:0, на натпреварот во Гранада од квалификациите за Светското првенство (СП) 2018 година во Русија.

Домаќините поведоа со 1:0 со автоголот на Дарко Велковски во 34-та минута, кој наместо да ја избие топката во поле, ја погоди сопствената мрежа. Во тоа му „помогна“ и Стефан Ристовски кој му попречи во скокот по нафрлувањето од десната страна на Дани Карвахал.

Шпанија зголеми на 2:0 преку Витоло во 63-та минута, со удар со глава од непосредна близина. Начо Монреал зголеми на 3:0 во 84-та, а конечните 4:0 ги постави Ариц Адуриз во 86-та минута.

Македонија прва, на почетокот од мечот, во петтата минута имаше голема шанса. По корнерот и мешаницата пред голот на Шпанците од пет метри со глава биеше Дарко Велковски, но право во голманот Давид де Хеа. Во 20-та минута Горан Пандев беше во шанса, но неговиот удар со глава, по корнерот на Енис Барди од десната страна заврши покрај десниот дирек.

Во второто полувреме, во 69-та минута, Барди испрати вистински проектил од 25 метри, топката одеше во десниот горен агол, но Де Хеа успеа да одбрани.

Македонија му гостува на Лихтенштајн на 24 март в година, во следниот дуел од квалификациите.

Шпанија – Македонија 4:0 (1:0)

Стадион: „Лос Карменес“, Гранада. Гледачи: околу 20.000. Стрелци: Дарко Велковски во 34, автогол, Витоло во 63, Монреал во 84 и Адуриз во 86 минута. Жолт картон: Алиоски (М). Судија: Роберт Шергенхофер од Австрија.

Шпанија: Де Хеа – Карвахал, Бартра, Начо, Монреал – Бускетс, Алкантара, Коке (71‘ Иско) – Витоло (86‘ Каљехон), Мората (60‘ Адуриз), Силва. Селектор: Хулен Лопетеги.

Македонија: Димитриевски – Велковски, Мојсов, Ристевски – Ристовски, Хасани, Барди, Алиоски, Спировски (60‘ Жута) – Пандев, Несторовски (82‘ Ибраими). Селектор: Игор Ангеловски.