Претседателот на Репубика Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од 15 до 17 ноември 2016 година ќе престојува во работна посета на Кралството Мароко, по повод учеството на Самитот за климатски промени COP 22, што се одржува во Маракеш.
Претседателот Иванов ќе има обраќање на сегментот на високо ниво на Самитот за климатски промени – COP22, на кој ќе учествуваат 56 шефови на држави и влади од целиот свет.
Република Македонија во април 2016 година во Њујорк го потпиша Парискиот договор за климатски промени, што беше усвоен во 2015 година на Самитот за климатски промени COP21 во Париз, каде учествуваше претседателот Иванов. На самитот во Париз, Република Македонија даде придонес во меѓународните напори за постигнување климатски договор.
Со потпишување на Парискиот договор, Република Македонија ја реафирмира својата посветеност во приклучување кон светските напори за ублажување на последиците од климатските промени, преку преземање на конкретни чекори, мерки и активности и исполнување на одредбите на Парискиот договор за климатски промени. Договорот од Париз е прв универзален и правно-обврзувачки договор што треба да стапи на сила во 2020 година, и истиот досега е потпишан од 192 држави и од Европската Унија.
Во пресрет на Самитот за климатски промени во Кралството Мароко, претседателот Иванов одржа координативна средба со заменик-претседателот на Владата на Република Македонија и претседавач со Националниот совет за одржлив развој, со Националните координатори за климатски промени и за одржлив развој на Република Македонија, како и со претставници од Министерството за надворешни работи.
Во 2009 година македонскиот претседател учествуваше на Самитот за климатски промени во Копенхаген, Данска. Договорот постигнат во Копенхаген претставуваше темел на новиот пакт за намалување на глобалното затоплување, што го наследи Протоколот од Кјото, чија важност истече во 2012 година. Република Македонија во 1997 година ја ратификуваше Рамковната конвенција на ООН за климатски промени и беше дел од Протоколот од Кјото.