Реализацијата на проектот на Владата на Република Македонија, „Фондот се грижи за хроничните болни“ се одвива според планираната динамика. Фондот преку телефонски јавувања, смс пораки и е-пошта досега контактираше 65.328 осигуреници со дијабетес, кардиолошки и бубрежни заболувања, како дел од проектот за грижа на хронично болни.
10-те тима на вработени во Фондот кои ги контактираат осигурениците, од почетокот на проектот од 1 октомври 2015 до денес, продолжуваат да наидуваат на позитивен приeм. Иако голем број од контактираните осигуреници се запознаени со тежината на нивното заболување и имаат основни информации за својата терапија, начинот на исхрана и животен стил, има и осигуреници кои иако знаеле дека се болни, не биле сигурни какви се последиците од ненавременото одење на лекар и примање на соодветна терапија. На овие осигуреници во разговорите со нив, укажано им е од колкава важност за нивното сопствено здравје е да ги слушаат препораките на лекарите и да се однесуваат посовесно кон своето здравје, што ги засега и нивните најблиски.
Овие разговори се и можност осигурениците да прашаат и за други права од здравственото осигурување, што се во надлежност на Фондот. Осигурениците, исто така, во разговорите со нашите тимови се интересираа и за користење на новите електронски услуги на Фондот.
Овие податоци се од нашите тимови кои се составени од вработени во поголемите подрачни служби како што се: Скопје, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Велес, Прилеп и Куманово. Тие и се јавуваат на осигурениците со трите хронични заболувања да ги потсетат кои прегледи треба редовно да ги прават, да ги информираат за комплексноста на заболувањето, со цел да се стопира можната прогресија на болеста.