Презентирана програмата за одбележувањето на Денот на албанската азбука во Битола

Денеска во просториите на Министерството за култура државниот секретар Бехиџудин Шехаби одржа прес-конференција по повод свеченото одбележување на Денот на албанската азбука, 22 Ноември.

Манифестацијата „Битола празнува“, која ќе се одржи по повод Денот на албанската азбука, е во организација на Министерството за култура и Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор при Владата на РМ.

На прес-конференцијата, државниот секретар во Министерството за култура на РМ ја имаше честа да ја соопшти годинашната програма која ќе претставува вистински спектакл со различни настани од културен карактер.

„Во неделата, на 13 ноември 2016 година, се одржа првиот настан, кој го означи почетокот на една долга и богата недела со многу настани. Нашата цел е овој голем национален празник да го прославиме на најдобар можен начин. Како што веќе сте информирани, во неделата во Центарот за култура во Битола концерт одржа КУД „Конгреси и Манастирит“. Салата на Центарот за култура беше премала за да ги собере сите љубители на албанската музика. Со овој настан се означи почетокот на манифестацијата, која, по повод овој значаен датум, до 22 ноември ќе продолжи не само во Битола, туку и пошироко“, изјави на почетокот од своето обраќање државниот секретар Шехаби.

На 19 ноември посетителите и гостите во Музејот на албанската азбука, чиј ентериер е веќе реновиран, ќе имаат исклучителна можност одблиску да ја видат Спомен-собата на Комисијата за азбуката и восочните фигури на членовите на гореспоменатата комисија. Први кои ќе имаат можност да влезат во Музејот, ќе бидат учениците, разни здруженија и невладини организации. За 21 ноември, пак, се предвидува Министерството за култура, во соработка со Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, на сите библиотечни установи да им подели по еден комплет од книгите издадени од Институтот.

Манифестацијата својата кулминација ќе ја достигне в понеделник, 22 ноември. Имено, тогаш ќе биде и свеченото отворање на Спомен-собата на Комисијата за азбуката и на восочните фигури на членовите на Комисијата на Битолскиот конгрес.

Вечерниот термин ќе биде резервиран за гала-концертот кој ќе се одржи во големата сала на Центарот за култура во Битола. Концертот е подготвен од Филхармонискиот оркестар при Универзитетот за уметности на Албанија „Ибрахим Мади“ под диригентската палка на Ољси Ќинани (познат диригент кој живее и твори во Лондон), а солист ќе биде добро познатиот виолинист со светско реноме и член на Виенската филхармонија, Шкељзен Доли. Специјален гостин ќе биде познатиот актер Чун Љајчи.

На церемонијата е предвидено свое обраќање да има заменик-претседателот на Владата на РМ за спроведување на Рамковниот договор, г. Фестим Халили, под чие покровителство ќе биде целата манифестација, а свое обраќање ќе има и државниот секретар во Министерството за култура Бехиџудин Шехаби. Своето присуство на свечената манифестација го потврдија и високи претставници од Република Албанија кои срдечно ја прифатија поканата да бидат дел од овој голем настан.

„Колку за информација, иако веќе е повторено неколку пати, Спомен-собата на Комисијата за азбуката и восочните фигури во неа е проект предвиден во Програмата на Владата на Република Македонија за периодот 2014-2018 година и е реализиран од страна на Министерството за култура. Вкупната вредност на целиот проект достигна до 7 900 000 денари. Што се однесува до уредувањето на екстериерот, односно фасадата на зградата на Музејот, сакам да ве информирам дека ќе се реализира со помош на ИПА-фондовите, проект кој веќе е прифатен. Ако сè се одвива според планот, и овој проект би требало да започне во 2017 година“, заклучи Шехаби на крајот од своето обраќање и воедно испрати директна покана до сите вљубеници и почитувачи на ова значајна манифестација да бидат дел од неа.

drzaven_640_-5