Пријави за влијание од раководни кадри врз администрацијата во предизборниот период

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одржа работна средба со дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски. На средбата дополнителниот заменик министер Кирацовски му предаде на министерот Спасовски документи добиени од вработени во администрацијата преку веб страница што Кирацовски ја отворил за пријавување злоупотреби во предизборниот период.

Според Кирацовски, овие документи содржат јасни индиции дека раководни кадри во институциите ја злоупотребиле службената положба за партиски цели со тоа што влијаеле врз вработени во администрацијата да присуствуваат на партиски митинзи и да го дадат својот глас за одредена партија на изборите на 11 декември. Министерот Спасовски ги прими документите и истакна дека Министерството за внатрешни работи ќе пристапи кон проверка на индициите наведени во документите и ќе постапи согласно своите надлежности.