Вработен во КПУ „Идризово“ заработи кривична пријава

СВР Скопје-Единица за недозволена трговија со дрога, со кривична пријава до надлежното ОЈО Скопје го предаде Г.С.(40) од Скопје, вработен во КПУ „Идризово“, поради основи на сомневање дека неовластено набавил семки од Канабис и истите ги насадил и одгледувал во својот дом, каде истотака неовластено држел оружје и експлозивни направи, со што постојат основи на сомнение дека сторил две кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

За сторените кривични дела предвидени и казниви по член 215 и 396 од КЗ, Судија на претходна постапка на Г.С. му изрече мерка- домашен притвор во траење од 30 денови.

Имено, при превземањето мерки и активности за сузбивање на недозволената трговија со дрога во казнено поправните установи, од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога е дојдено до сознание дека пријавениот, вработен како надзорник во КПУ „Идризово“, во втората половина од 2016 година неовластено набавил семенски материјал од Канабис, кој го насадил и одгледувал во својот дом во населба Долно Лисиче.

Со оглед на тоа дека Г.С., досега не е кривично пријавуван и е новопројавено лице од областа на недозволената трговија со дрога, Единицата за недозволена трговија превзеде опсежни мерки и активности за потврдување на добиеното сознание и обезбедување на материјални докази

По потврдување на сознанието и со наредба од Судија на претходна постапка извршен е претрес во куќата во која живее сега пријавениот при што се пронајдени 21,62 грамови марихуана, три експлозивни направи (една бомба кашикара и две парчиња динамит), еден метален детектор, две парчиња огнено оружје-пиштол и една кутија за чување на огнено оружје со прибор за одржување на истото.

Од извршеното вештачење на експлозивните направи е утврдено дека станува збор за две парчиња динамит (тринитротолуен и амониум нитрат) додека за пронајдените пиштоли е покрената управна постапка за одземање, бидејќи едниот е службен пиштол во сопственост на КПУ „Идризово“, а другиот пиштол е лична сопственост на Г.С. и истиот го поседува со дозвола.