Партиите денеска го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, согласно одредбите на Изборниот законик.
Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски истакна дека изборите кои се фер, демократски и ги почитуваат принципите на демократијата и доброто владеење придонесуваат за демократски развој на општеството.
„Сите учесници во изборите со своите активности го поставуваат фундаментот на демократијата и придонесуваат за градењето на довербата во изборниот систем на Македонија “– истакна Чичаковски.
Кодексот го потпишаа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој ја предводи коалицијата „За подобра Македонија“, лидерот на СДСМ Зоран Заев, од здружената опозициска коалиција, во име на ДУИ потпиша Изет Меџити, Мендух Тачи од ДПА, Гзим Острени од коалицијата „Алијанса за Албанците“, Ивон Величковски од ЛП, Стојанче Ангелов од Достоинство во име на „Коалицијата ВМРО за Македонија“, Павле Трајанов од Демократскиот сојуз за Коалицијата за промени и правда – Трет блок, Билал Касами од Беса, Здравко Савески од Левица и Мухамед Халили од ПДП.
На потпишувањето на Кодексот присуствуваа и амбасадорите на САД, Германија, Франција, Велика Британија, како и заменик амбасадорот на ЕУ и шефот на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.
Извор: meta.mk