Потрошувачите помалку се жалат на небезбедна храна, а државата активно работи на зајакнување на капацитетите за превенција, контрола и проценка на ризици во овој сегмент.
Ова го истакнаа учесниците на денешната конститутивна седница на Националниот совет за безбедност на храна и храна за животни кој се формира на иницијатива на Агенцијата за храна и ветеринарство согласно европските искуства.
Во Советот членуваат 19 релевантни институции, експерти и претставници на невладиниот сектор, а неговото формирање, освен научната фела, го поздрави и бизнис заедницата.
„Република Македонија како земја кандидат за влез во Европската унија неопходно е да ја следи европската политика и европското законодавство. Законодавството на Европската унија бара примена на пристапот базиран на ризик за донесување на одлуки. Покрај тоа, постојат поставени обврски според правилата на Codex Alimentarius, Светската организацијa за здравје на животните (OIE), Светската трговска организација (WTO) и Статистички пакет за социјални науки (SPSS) за транспарентен процес на анализата на ризикот да се примени конзистентно, за да се овозможи слободна трговија на производи кои може да претставуваат ризик за човекот или за животните,“ изјави директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство м-р Зоран Поповски во функција на претседавач со Советот.
Националниот совет, додаде тој, ќе се фокусира на секој дел од безбедноста на храната и актуелните проблеми. Ќе работи на предизвиците за да се отстранат сите евентуални ризици. “Целта е нивна проценка, анализа и менаџирање, Тој додаде дека ова е можност, научната фела и надлежните институции да дадат максимален придонес за заштита на луѓето преку безбедноста на храната. Со планираните активности, нагласи, тој, опфатени ќе бидат хемиските, физичките и биолошките агенси и аспекти” – рече Поповски.
Формирањето на Советот е голем чин во насока на натамошно зајакнување на капацитетите на Македонија за побезбедна, здравствено исправна храна, оцени деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна Драги Димитриевски и додаде дека посебно импозантен е составот на ова тело во кој членуваат најрелевантните институции и експерти. Тие, истакна тој секако ќе дадат голем придонес во работата.
Според Стопанската комора на Македонија, формирањето на Советот е од исклучително важно за бизнис заедницата.
„Во денешни услови кога е тешко да се борите со конкуренцијата дома и во странство, многу е важно да немате проблем со здрав или нездрав производ кој сигурно би имал финансиски импликации врз компаниите“, истакна Васко Ристовски од Комората.
Преку Советот, подвлече Ристовски, ќе се избегнат проблемите од ваков тип што позитивно ќе делува на работата на домашните фирмите.
Организацијата на потрошувачи во Советот гледа можност за отворен дијалог и дискусија, можност да се увиди што е потребно за поголема безбедност на храната и, исто така, да се утврдат ризиците.
„Преку нашата комуникација со потрошувачите и натаму ќе бидеме мост меѓу Агенцијата и Националниот совет за да се оди понатаму во испитувањата на сегментите кои се вид ризици. Со тоа што сме и ние член на Советот, силно се препознава потребата да се освренеме на здравјето на потрошувачите и нивната подобра информираност,“ изјави претседателката на ОПМ Маријана Лончар.
Националниот совет за безбедност на храна и храна за животни ќе се состанува најмалку четири пати годишно, а доколку има потреба и повеќе. Како што подвлече директорот на Агенцијата Поповски, ваков модел на соработка веќе функционира во Европа од 2002 година.