Груевски од Охрид: Одиме на голема победа, одиме на 63 пратеници

Сега му е мајката да им покажеме што е Македонија. Одиме на голема победа, одиме на 63 пратеници – им се обрати вечерва лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, на повеќе десетици илјади присутни на градскиот плоштад Свети Климент Охридски во Охрид.

Коалицијата за подобра Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, согласно традицијата, изборната кампања ја започнува од овој град кој во последниве шест изборни циклуси им носи победа на изборите.

Покрај што упати низа критики кон опозицијата, СДСМ и Зоран Заев, Груевски најмногу говореше за новата програма, која како што рече на 500 страници дава со рокови и обврски. Тој најави 600 нови милиони евра за субвенции за земјоделците, креирање на 70 илјади нови работни места, нови мерки за рестартирање на индустриските капацитети, смалување на невработеноста на 17 проценти.

За Коалицијата за подобра Македонија и натаму во фокусот ќе бидат пензионерите, кои ќе добијат зголемување од 10, 5 проценти, додека најниската плата ќе се дефинира на 14.000 денари.

Груевски најави нови инвестиции, завршување на три автопати кои се во завршна фаза како и започнување на уште три нови.

Поради големиот број автобуси и други возила Охрид, попладнево и вечерва, беше под целосна окупација од страна на членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, што создаде долги колони, нервоза, потешкотии во нормалното регулирање на сообраќајот.

Поголемиот број од присутните на митингот допатуваа од сите краишта на Македонија.

Извор: meta.mk