Кривична пријава за лице од Лабуништа поради две казнени дела тешка кражба

Поради постоење основи на сомнение за сторени две казнени дела „тешка кражба“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против С.М.(30) од струшкото село Лабуништа.

Првата тешка кражба, пријавениот ја извршил на 29-ти минатиот месец во 21 часот и 30 минути кога со својот патнички автомобил „Ауди“ со струшки регистарски ознаки стигнал во населбата „Езерски лозја“. Тој, успеал да се искачи на балконот од првиот спрат на една куќа и со подесен предмет и физичка сила ја отворил балконската врата по што влегол во внатрешноста на куќата. Откако извршил пребарување низ собите, пријавениот С.М. пронашол и бесправно одзел еден машки рачен часовник марка „Ролекс“ и поголема количина златни прстени и други златни предмети.

На втори овој месец околу 18 часот, пријавениот С.М. со својот автомобил се упатил кон селото Мислешево и се паркирал во близина на една куќа што претходно ја таргетирал. Тука, ја прескокнал жичаната ограда од задната страна на куќата и со подесен тврд предмет, насилно ја отворил вратата. Во куќата, С.М извршил брзо пребарување по што од спалната соба, одзел златни белегзии, еден паричник, парфеми и други поситни предмети.

Од извршените кривични дела и бесправно одземените златни и други предмети, пријавениот С.М. предизвикал материјална штета и се стекнал со противправна имотна корист од над 60.000,оо денари. При извршен преглед во неговиот патнички автомобил, полициските службеници пронајдоа и одзедоа дел од бесправно одземениот златен накит.