Конференција за новите предизвици на социолошката имагинација

Светот има потреба од повеќе социолози бидејќи по 2008 година кога земјата се фокусираше на банкарската криза, односно кризата на финансискиот систем, јавноста и медиумите повикаа на учеството на државите да помогнат.

Ова денеска го истакна Франк Велц претседател на Европската социолошка асоцијација на меѓународна научна конференција „Новите предизвици на социолошката имагинација (во чест на Чарлс Рајт Милс)“ во организација на Здружението на социолози на Република Македонија во соработка со Филозофскиот факултет-Скопје и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ .

„Јавноста зборуваше дека државата премногу инвестирала за влијанието на оваа криза и на политиката на штедење, а во таа насока и за зголемувањето на вработеноста помеѓу младите во овој дел на Европа. Од тука по неколку години почнаа да се јавуваат етнички движења и започнаа многу проблеми, а задачата на соцолозите е да помогнат во решавање на тие проблеми“, рече Велц.

Потенцира дека потребно е да се има во предвид дека социологијата претставува начин на размислување и дека тоа најубаво се гледа во објаснувањето дека задачата на социологијата е да го поврзе малиот настан, односно феноменот, појавувањето на етничките движења и да ги поврзе со она што се случува кај нас дома, на универзитетите на пазарот на социолозите и насекаде за да се создаде една слика за економиите на државите.

Според Елизабета Канческа-Милевска како социолог, а не во својство на министер, конференцијата претставува практичен пример за заложбите на Здружението на социолозите на Македонија со научен пристап преку ангажман на социолози од земјава и странство да даде одговор на проблемите со кои човештвото се соочува.

„Социологијата е наука која има исклучително значење за развојот на општеството, за разните облици на општествените односи, општествената интеракција и нивниот културолошки аспект“, истакна Канческа-Милевска.

Убедена сум, рече таа, дека денешната конференција ќе ги мобилизира социолозите во нашата држава, со поддршка на меѓународната социолошка заедница да дискутираат за проблемите со кои се соочуваме денеска во оваа глобална економска, политичка и мигрантска криза.

За Сари Ханафи од Меѓународната социолошка асоцијација, многу е важно да се локализира социологијата но исто така да биде свртена кон интернационализација, да се водат дискусии на конференции како на централно така и на локално ниво.

„Оваа конференција посветена на Чарлс Рајт Милс организирана е во вистинско време кое укажува на појавувањето на популизмот но и огорченоста на средната и работничката класа. Сето ова додава поголема тежина на нашата професија, а ние како едукатори треба да промовираме критичко размислување за нашата средина, за миграциите“..., рече Ханафи.

На конференцијата, социолозите од Македонија, Србија, Австрија Британија и Либан во текот на денешниот и утрешниот ден ќе разговараат за новите тенденции во развојот на социолошката теорија и методологија во контекст на современите општествени процеси и проблеми.