Загина 69-годишно лице во близина на струшко Радолишта

Едно лице го загуби животот во тешката сообраќајна незгода што синоќа во 20 часот и 30 минути се случи на магистралниот пат Струга-Ќафасан во близина на селото Радолишта. Од здобиените повреди, на лице место почина Елван А.(69) од струшкото село Радолишта. Неговата смрт, на местото на настанот била констатирана од медицинска екипа од Општа болница во Струга.

Сообраќајната незгода се случила кога сега починатиот, по магистралниот пат во правец од Струга кон Ќафасан управувал патничко моторно возило „Пежо“со струшки регистарски таблици. Во близина на крстосницата за селото Радолишта, поради неприлагодена брзина према условите и состојбите на патот, сега починатиот изгубил контрола врз возилото, преминал на спротивната страна од патот, излетал надвор од коловозот и удрил во дрво.

На местото на сообраќајната незгода, по овластување на јавен обвинител, увид извршија полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Струга. По наредба на јавниот обвинител, патничкото возило „Пежо“ е подигнато за понатамошен технички преглед.