Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност – 3 Декември, денеска прими претставници од Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија.
Претставниците на Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија го информираа претседателот Иванов за положбата на лицата со инвалидност, за предизвиците со кои тие се соочуваат, како и за постигнатите резултати во однос на имплементирањето на меѓународните норми и стандарди од Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, којашто оваа година одбележа 10 години од усвојувањето во Обединетите Нации.
Соговорниците го запознаа претседателот Иванов со тековните активности по повод Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, додавајќи дека одбележувањето на „3-ти Декември” како и секоја година, има цел да го промовира разбирањето на предизвиците на инвалидноста, како и да се повика на поддршка од општествената заедница за достоинството, правата и благосостојбата на лицата со инвалидност.
Македонскиот претседател изрази поддршка за активностите на инвалидските организации и порача дека, како досега така и во иднина, ќе се залага за понатамошно унапредување на правата на лицата со инвалидност, преку подобрувањето на законската легислатива, но и преку нејзиното доследно спроведување.
На средбата присуствуваа претставници на Националниот Сојуз на глуви и наглуви на Република Македонија, Националниот сојуз на слепи на Република Македонија, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – „Мобилност Македонија”, Републичкиот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост – „Порака”, Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија, Националната федерација за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија – Македонски параолимписки комитет и на Националниот сојуз на инвалидите на трудот на Република Македонија.