Носителката на кандидатската листа во изборна единица 5, Радмила Шекеринска, денес беше помеѓу граѓаните на Охрид. Таа ги претстави мерките од програмата за подобри услови за образование на децата со посебни потреби.
„Во нашиот План за живот во Македонија, посебно место има програмата за поддршка на лицата со посебни потреби, особено на децата со посебни потреби. Една држава, не може да се нарекува ниту хумана ниту солидарна, ако не обезбеди шанса за децата со посебни потреби. Затоа ќе го менуваме системот и ќе почнеме уште од најрана возраст, на децата коишто припаѓаат на предучилишното образование, а се со посебни потреби ќе им овозможиме шанса да бидат вклучени во предучилишното образование. Но, тоа нема да го направиме аматерски, како што во многу градинки денеска се случува, туку ќе обезбедиме навистина специјални едукатори коишто ќе го овозможат овој инклузивен пристап, и во полза на сите деца, и во полза на децата со посебни потреби.“- изјави Шекеринска.
Шекеринска рече дека низ Македонија ќе се отворат центри за ран детски развој, каде што децата со посебни потреби уште од најрана возраст ќе можат да ги развиваат своите способностите, ќе можат да ги градат своите способности, и ќе можат да дадат, практично, свој максимум.
„За тие центри со ран детски развој ќе обезбедиме специјална поддршка, обучени, професионални едукатори, а со тоа ќе им дадеме шанса и на родителите да обезбедат подобри услови за работа, подобри услови за живот на своите деца. Денеска во Македонија, средствата којшто се наменети за децата за посебни потреби, навистина се срамни, како што можевте денеска да чуете и од прва рака. Затоа веднаш ќе ја зголемиме оваа поддршка на лицата со посебни потреби во прв чекор за 50%. На тој начин ќе дадеме шанса за подобар живот, и на нив, и на нивните семејства. Ќе менуваме голем дел и од регулативата којашто се однесува и на оценка на способностите на децата со посебни потреби. Денеска, владее систем во кој практично ние оценуваме, или системот оценува кои се работи не можат да ги направат, наместо да се фокусираме на работите за кои се способни и кои можат да се развиваат. На тој начин и тие ќе станат дел од општеството кое придонесува и ја развива својата татковина. Ќе го спроведеме целосно законот за квоти во јавната администрација за лицата со посебни потреби, но ќе им дадеме и вистинска шанса да работат во администрацијата. Денеска најголемиот дел од нив не можат да употребат активни колички и на тој начин, иако им отвара државата шанса да работат, тие практично многу тешко и само со семејна поддршка можат да дојдат до работното место. Ќе воведеме шанса и за лицата со тешка и најтешка попреченост да добијат посебни додатоци, и на тој начин ќе им овозможиме и на нивните семејства да обезбедат подобри услови за работа. Една држава може да се нарече хумана, социјална и солидарна само ако обезбеди сигурна поддршка на оние коишто се најслаби. Ние сметаме дека Македонија може на сите да им понуди достоинствен живот.“- рече Шекеринска.
Потребна е поголема помош од државата за децата со посебни потреби, смета Викторија Лазароска, мајка на дете со посебни потреби.
„Сакам да нагласам дека нашите училишта не се спремни доволно со стручен кадар којшто би ги обучувал овие деца и би ги спремал понатака за да бидат способни за работа. Значи школите немаат доволно дефектолози и логопеди којшто би ја приспособиле програмата, моментална настава за децата, во зависност од нивната можност, за да го совладаат материјалот. Друг проблем ни претставува и постоењето на центри за овие деца. Значи, ние моментално во Охрид имаме еден дневен ценатр, меѓутоа тој ги опфаќа само децата коишто се на возраст постари од 15 или 16 години. Бараме од идната Влада, и од државата помош за да може да се вработат тимови, каде би биле опфатени и дефектолози, и логопеди, и социјални работници, и се што е потребно како би можеле ние, децата уште од претшколската возраст да ги пуштиме во тие центри. На тој начин ќе можат и родителите на тие деца да одат слободно на работа и да си ги обавуваат своите домашни обврски.“– изјави Лазароска.
Што се однесува до додатокот посебен којшто децата го земаат, додаде Лазароска, тој е многу минимален, 4000 денари, на денешно време со тие пари не можат да се подмират основните работи за децата.
„.Се надеваме и бараме помош од државата, и од идната Влада, нормално, да овозможи подобри услови за живот на овие деца, поголема интеграција на децата во општеството, а со тоа би ни помогнале и на нас како родители и во понатамошниот живот.“– додаде Лазароска.
WebOhrid