Со низа активности се одбележува Светскиот ден за борба против СИДА

1-ви декември Светскиот ден за борба против СИДА и Неделата на борба против СИДА (1-7.12.2016), Црвен крст Охрид ќе го одбележи со низа активности.

Со цел да се подигне нивото на свеста во јавноста за СИДА и изрази поддршка на оние кои што живеат со ХИВ, во текот на денешниот ден од страна на волонтерите на Црвен крст Охрид ќе бидат поделени црвени панделки на вработените и посетителите во градските кафулиња, маркети, продавници.

Во основните и средните училишта ќе бидат дистрибуирани типизирани предавања со цел учениците да се запознаат со основните знаења за вирусот на ХИВ, начин на пренесување и заштита.

Во текот на Неделата на борба против СИДА едукаторите за СИДА на Црвен крст Охрид ќе реализираат интерактирвни едукативни предавања, работилнци и трибини за младите во просториите на Црвен крст Охрид и во училиштата. Предвидени се и доверливо советување и тестирање на кое секој заинтересиран ќе може да го дознае својот ХИВ статус преку тестирање за вирусот на ХИВ со брзи-рапид тестови, како и добивање на корисни совети од страна на струни лица, за начинот на превенција и заштита од ХИВ/СИДА.

Активностите кои секоја година се организираат по повод Светскиот ден за борба против СИДА и Неделата на борба против СИДА имаат за цел да го свртат вниманието на јавноста за значењето на превенцијата и раното откривање на инфекцијата со ХИВ вирусот.