Постојана поставка на дела од уметникот Омер Калеши

Со промоцијата на постојаната поставка на дела од истакнатиот уметник со македонско потекло Омер Калеши денеска во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, се заокружи одбележувањето на „Неделата на Омер Калеши“ во Скопје.

Во присуство на многубројни гости на отворањето на постојаната поставка, во чии рамки се изложени 24 уметнички дела, свое обраќање имаше државниот секретар во Министерството за култура Бехиџудин Шехаби.

Државниот секретар во своето обраќање истакна дека со своето творештво уметникот Омер Калеши, кој се наоѓа на врвот на интернационалното сликарство, успеа да ги обедини балканските цивилизации.

„Работевме многу долго и вложивме голем труд за сликите на Омер Калеши да се вратат во Македонија и да се оствари големата желба за формирање постојана поставка, за што наидовме на голема поддршка од уметникот. За почитуваниот ликовен уметник Омер Калеши може да се зборува многу. Иако веќе долги години живее и твори во Република Франција, мајсторството на неговиот ликовен израз е веќе лесно препознатлив македонски бренд“, истакна Шехаби.

Тој додаде дека иницијативата е реализирана од страна на Министерството за култура со поддршка од пријателите на Омер Калеши: академик Луан Старова, Јордан Плевнеш, Климе Коробар, како и со огромна поддршка од Општина Чаир и нејзиниот градоначалник Изет Меџити, со чија заложба овој интернационален уметник беше прогласен за почесен граѓанин на оваа општина.

Шехаби во своето обраќање истакна и дека со отворањето на постојаната поставка, делата на Омер Калеши ќе бидат таму каде што заслужуваат и каде што одамна требало да бидат. Поставката ќе биде во Институтот сè до отворањето на галерија на Омер Калеши во рамките на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.

На свеченоста се обрати академик Луан Старова кој направи ретроспектива за животот и творечкиот опус на уметникот од неговото родно Кичево, преку Скопје, Истанбул и Паризделото. Омер Калеши е одликуван и со медал за заслуги за Македонија од страна на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.