Бранителот на Куп трофејот Шкендија, актуелниот првак Вардар, Пелистер и Брегалница се полуфиналисти во националниот Куп, откако победија во реванш-натпреварите.
Шкендија го победи Шкупи со 4:0, репрезентативецот Бесарт Ибраими попостигна хет-трик, стрелец беше и Жуниор за убедлива победа. Првиот натпревар меѓу двата тима заврши без голови.
Вардар рутински одработи и со нова победа од 4:1 против Металург лесно се пласира во полуфиналето со вкупен резултат од 8:2. Единствениот второлигаш во четвртфиналето Металург немаше сили да му се спротивстави на шампионот, кој победи со головите на Николов и хет-трикот на Балотели. За Металург стрелец беше Фидановски.
Пелистер со нова победа го елиминира Силекс. Ристе Маркоски со гол во 45. минута го најави триумфот, а сите дилеми околу пласманот во полуфиналето ги разреши Боби Божиновски. Глигор Глигоров беше стрелец на единствениот погодок за Силекс во 76. минута.
Брегалница убедливо ја совлада прилепска Победа со 3:0 и со вкупен резултат од 5:2 е меѓу четирите најдобри екипи. Жежов, Георгиев и Здравков беа стрелци за Брегалница.