Четири лица се здобија со тешки телесни повреди во сообраќајната незгода што синоќа во 22 часот се случи на магистралниот пат Охрид-Кичево кај место викано „Карпа“ во близина на Охрид.
Во незгодата, со тешки телесни повреди се здобиле С.А. (18) од Струга како и С.Т.(39), Р.Т.(35) и уште едно малолетно лице, сите од охридското село Велгошти. Со возило на Брза помош, повредените, од местото на сообраќајната незгода итно се пренесени во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид, каде се задржани на понатамошно лекување.
Сообраќајната незгода се случила помеѓу две патнички моторни возила марка „Голф“, првото со струшки регистарски ознаки управувано од сега тешко повредениот С.А. кое по магистралниот пат се движело во правец од Охрид кон Струга, и второто возило „Голф“ со охридски регистарски ознаки управувано од С.Т. кој заедно со сопатниците Р.Т. и малолетното лице се тешко повредени. Движејќи се од Охрид кон Струга, патничкиот автомобил „Голф“ со струшки регистарски ознаки удрил во карпа од десната страна по што возилото се извртело кон спротивната коловозна лента, каде во правец кон Охрид се движел Голфот со охридски регистарски ознаки. Ова возило, со предниот дел се судрило во бочната десна страна од голфот со струшки таблици.
На местото на сообраќајната незгода, по овластување на Јавен обвинител, увид извршија полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, поради што сообраќајот беше пренасочен по регионалниот пат Охрид-Струга.
По наредба на јавен обвинител, од двајцата возачи земена е крв за анализа, а врз возилата ќе биде извршено дополнително техничко вештачење.