Доделено признанието „Повелба на Република Македонија” на Сојузот на здруженија за техничка култура на Македонија ‒ Народна техника на Македонија

Претседателот Иванов се обрати на доделувањето на признанието „Повелба на Република Македонија” на Сојузот на здруженија за техничка култура на Република Македонија ‒ Народна техника на Република Македонија.

„2016-та е година на јубилеји. Годинава се потсетуваме на сите институциите и организации кои со својата многудецениска работа ги градеа и развиваа капацитетите што ни овозможија пред 25 години да станеме независна и суверена држава.

Меѓу бројните славенички организации и институции една има уникатно место. Тоа е Народната техника на Република Македонија. Некој ќе праша во што се состои уникатната природа на оваа организација? Зошто Народна техника е поразлична од другите? Зарем ова не е само едно здружение на аматери?

Ќе почнам од последното прашање. Зборот аматер денес нема толку позитивно значење. Но, оригиналниот, латински зборот amator значи вљубеник. Во таа, оригинална и вистинска смисла на зборот, Народна техника е здружение на вљубеници во техничките и применетите науки.

Како таква, Народна техника е центар за сестрани луѓе кои се подготвени да ги развиваат своите многубројни технички таленти и дарови. Ова е место за луѓе кои излегуваат од шаблоните на тесната струка и професија, и се подготвени да зачекорат во фасцинантната авантура на техниката.

Затоа, како Претседател на Република Македонија, но и како технофил, чест ми е да бидам покровител на прославата на седум деценискиот јубилеј од основањето на Сојузот на здруженија за техничка култура на Република Македонија ‒ Народна техника на Република.

Дами и господа,

Техничката култура е неизоставен дел од севкупната култура и е клучен елемент за развојот на секој поединец.

Уште од антиката, образованието подразбирало три стадиуми. Во првиот стадиум човек треба да на научи две нешта – гимнастика како вештина на телото и музика, како храна на душата. Штом ќе ги совлада овие две дисциплини, човек се стекнува со мнение – doxa. Вториот стадиум низ кој минувале младите е tehna, односно учење техничките вештини. Дури откако ќе ги совлада овие вештини, младиот човек продолжува кон третиот стадиум на образованието – paideia. Тогаш станува свој човек.

Народна техника е дел од вториот, клучен стадиум на човековото образование. Како најорганизирана форма за техничко воспитување и образование, Народна техника придонесува за зголемување на интересот на младите за креативноста и иновативноста на техничкото творештво. Оттука сите активности кои на ова поле ги спроведува Народна техника имаат огромно значење за образованието, културата, но и воопшто за развојот на нашето општество и како такви придонесуваат за доближување на Република Македонија кон најновите текови и достигнувања во европски и светски рамки.

Доволно е да ја погледнеме импресивната листата на активности, натпревари, конкурси, инцијативи, програмски содржини, иницирани и реализирани од Сојузот. Особено е импресивен бројот на учесници кои во изминатите седум децении биле дел од наведените активности. Како гостин на дел од овие манифестации имав можност лично да се уверам во ентузијазмот и посветеноста на младите излагачи чија креативност и вештина заслужуваат највисоки оценки.

Драги пријатели,

Живееме во време кога техничко-технолошките иновации го движат и обликуваат светот, кога научната фантастика станува фантастична наука. Не само што треба да бидеме во чекор со новото време туку преку сопствената креативност, интелигенција и љубопитност, но и пожртвувана работа и огромен труд да бидеме креатори на развојот и иновациите.

Верувам дека Повелбата на Република Македонија е соодветно признание и чин на благодарност за илјадниците ученици, наставници, ентузијасти, волонтери и аматери кои се вградија во седумте децении постоење на Сојузот на здруженија за техничка култура на Република Македонија ‒ Народна техника на Република Македонија. Тие беа, се и понатаму ќе бидат ударна сила на Народна техника.

Повелбата е и дополнителен поттик за поголема ревност што секако ќе донесе уште поголеми постигнувања. Не се сомневам дека и понатаму вашите членови ќе се закитуваат со медали и признанија на најпрестижните меѓународни натпревари и достојно ќе ја претставуваат Република Македонија.

Исто така сум убеден дека и понатаму од вашите членови ќе произлегуваат истакнати академици, професори, инженери кои со својата креативност и умешност ќе бидат подвижници на развојот и напредокот на нашата татковина.

Во оваа пригода би сакал и да ја потврдам мојата лична, но и поддршката на македонските институции на вашата дејност и работа. Како и досега така и во иднина со задоволство ќе ги следиме, помагаме и промовираме вашите достигнувања и постигнувања.

На крајот од моево обраќање би сакал од сè срце да ви посакам уште многу и многу години плодна и успешна работа. Ја користам можноста да ви посакам и многу здравје, среќа и успех во новата 2017 година.“- истакна Иванов.

01