Ретроспективна изложба „Вангел Наумовски“, на која ќе бидат изложени речиси 90 дела од сите творечки фази на Вангел Наумовски, ќе биде отворена утре во Националната галерија на Македонија, објект Даут-пашин амам.
Директорка на Националната галерија на Македонија, Дита Старова Керими, на денешната прес-конференција истакана дека ова е четврта ретроспективна изложба во 2016 година.
„Започнавме со ретроспективната изложба на Решет Амети, потоа кулминиравме со Спасе Куновски, Омер Калеши и утре вечер е изложбата на Вангел Наумовски. Изложбата на Спасе Куновски доживеа огромна посетеност, а публиката позитивно реагираше на изложбата. Ретроспективните изложби се резултатат на континуираната работа на кураторите кои што се дел од оваа голема институција“, рече Старова Керими.
На изложбата, како што беше речено, ќе бидат претставени 90- тина дела на Вангел Наумовски, од кои 80 дела припаѓаат на неговото семејство, а шест ќе бидат прв пат изложени.
„Критиката многу го вреднувала Вангел Наумовски, иако тој не спаѓа во редот на академски сликари, карактеристично за него е тоа што тој е самоук сликар. Вакава ретроспективна изложба на кој што се прикажани неговите творечки фази се одржала во Скопје во Музејот на современа уметност во 1969 година, а од тогаш до сега е поминат скоро половина век“, рече Маја Чанкуловска Михајловска, автор на предговорот на монографското издание за Наумовски.
Овие ретроспективни изложби немаат карактер само на презентирање на делата, туку на некој начин имаат и едукативен карактер затоа што се следи творештвото на еден автор, додаде Чанкуловска Михајловска. Во рамките на оваа изложба, ќе биде претставена и музиката на Вангел Наумовки, ќе бидат претставени и книги кои тој ги има издадено во проза и поезија, ќе се видат фотографии од макети кои што се однесуваат на неговите творења во архитектурата и ќе бидат претсавени три филма за него.
Изложбата ќе трае до 28 февруари 2017 година.
Вангел Наумовски е роден 1924 година во село Скребатно, Охридско, беше член на ДЛУМ. Имал повеќе самостојни и групни изложби во земјава и во странство. Беше особено популарен на просторите на поранешна Југославија, своите дела ги има претставено пред публиката во Загреб, Рим, Милано, Комо и Париз. Почина на 13 јуни 2006 година.