Од 7ми до 10ти декември во Поградец на брегот на Охридско Езеро од албанската страна ќе се одржи тематска тренинг сесија во рамките на проектот за интегрална заштита на културното и природното богатство на Охридскиот регион поддржан од УНЕСКО и Европската унија. Главната цел на оваа сесија ќе биде да се нотираат главните опасности и предизвици кои имаат ефекти врз состојбата на Охридското Езеро и засилување на прекуграничната соработка, зајакнување на ефектите од управувањето, како и идентификување и згрижување на природното и културното наследство во Охридскиот регион.
На работната сесија ќе учествуваат преставници на Министерствата за култура и за животна средина на двете држави, преставници на надлежни институции, локални самоуправи, како и преставници на советодавните тела на УНЕСКО, IUCN и ICOMOS. Од македонска страна за искуствата и поддршката кон овој процес ќе говорат Зоран Павлов и Ана Алексова од Министерството за култура и Дејан Пановски од Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Оваа сесија е логичен продолжеток на претходната заедничка работа и на заклучокот дека заштитата на природното и културното богатство на Охридскиот регион е можна само ако е интегрална и прекугранична. Имаме напредок во некои сфери но има и уште многу предизвици пред нас. Тоа е аргумент кој не води и зад кој стојат и УНЕСКО и ЕУ во овој процес“.- вели Пановски.
Акцентот меѓудругото ќе биде ставен на долгорочната визија за заштита, ќе се анализираат вредностите и можните граници на опфат на албанската страна од регионот и ќе се идентификуваат целите на управување за потенцијално ставање на албанската страна на Охридското езеро под заштита на УНЕСКО.
УНЕСКО го најави настанот на својата официјална веб страна http://whc.unesco.org/en/events/1273