Честитка од претседателот Иванов по повод еврејскиот празник Ханука

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод еврејскиот празник Ханука, упати честитка до г-ѓа Берта Романо Николиќ, Претседател на Еврејската заедница на Република Македонија, како и до сите припадници на Eврејската заедница во Република Македонија.

„Почитувана г-ѓo Романо-Николиќ,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, Вам и на припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија, да Ви го честитам претстојниот празник Ханука.

Ханука е празник кој ја слави победата на Макабејците над грчко-асирската војска, но тој го слави и триумфот над темнината и над злото, победата врз тиранијата и страдањата низ кои поминал еврејскиот народ. Следните осум денa, во кругот на фамилијата, палејќи ги свеќите на менората ќе се празнува слободата, заедницата и историјата. Славејќи го споменот на празникот на светлината го негувате наследството на Вашите предци, но и традицијата и вредностите за еднаквост и за слобода.

Во деновите кои следат, Вам и на сите припадници на Еврејската заедница, Ви посакувам празникот да го минете во весела семејна атмосфера.

ХАГ ХАНУКА САМЕАХ“