Свечената церемонија во Македонскиот народен театар, која се одржа по 62. пат му ја донесе титулата на ракометарот Кире Лазаров кој го доби признанието за најдобар спортист во 2016 година. За капитенот на ракометната репрезентација ова е второ признание најдобар спортист. Првата ваква награда ја освои во 2013 година.
„Наградата претставува огромна чест. Грешките што ги направивме во изминатава турбулентна година треба да ни претставуваат четиво од кое треба да учиме. Имаме потенцијал и цврсто сум уверен дека Македонија не треба да се грижи за својата ракометна иднина. Моја желба е да направиме многу успеси во наредната година“, – рече Лазаров.
Кај дамите, нашата најдобра тенисерка Лина Ѓорческа, го доби признаението за спортистка на годината за 2016 година.
„Благодарам на сите што придонесоа да стигнам тука. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата веќе на Австралија Опен. Ја користам приликава да им посакам среќа на младите фудбалери на ЕП. Би сакала нареднава година да биде исполнета со уште повеќе спортски успеси и повторно да се видиме тука“, – рече Ѓорческа.
Младата фудбалска репрезентација е прогласена за најдобар колектив за оваа, 2016 година. „Црвено-жолтите“ момци благодарение на остварениот успех во квалификациите за Европското првенство и обезбедениот настап во главната фаза во Полска, ја победија својата конкуренција, а нивниот водач, Благоја Милевски ја доби наградата за најдобар селектор.
За сите оние кои немаа прилика да бидат дел од свеченото доделување на наградите или да го следат директниот пренос на МТВ уште едно потсетување за сите добитници на наградите:
НАЈДОБАР УЧИЛИШЕН КЛУБ ОД ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА: ОУ „Гоце Делчев“ од општина Илинден
НАЈДОБАР УЧИЛИШЕН СПОРТСКИ КЛУБ ОД СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА: Гимназија „Гоце Делчев“ од Куманово
НАЈДОБАР УНИВЕРЗИТЕТСКИ СПОРТСКИ КЛУБ: Женски Ката карате тим во борби од Универзитет „Кирил и Методиј“
НАЈДОБАР МЛАД СПОРТИСТ: Филип Талески (ракомет)
НАЈДОБРА МЛАДА СПОРТИСТКА: Моника Пендаровска (карате)
НАЈДОБАР СПОРТИСТ НА ЛИЦЕ СО ИВАЛИДИТЕТ: Оливера Наковска – Бикова (стрелаштво)
НАЈУСПЕШЕН ЖЕНСКИ НАЦИОНАЛЕН ТИМ: Ракометна репрезентација
НАЈУСПЕШЕН МАШКИ НАЦИОНАЛЕН ТИМ: Фудбалска репрезентација до 21 година
НАЈДОБАР СЕЛЕКТОР: Благоја Милевски
НАЈУСПЕШНА НАЦИОНАЛНА ФЕДЕРАЦИЈА: Карате Федерација
СПОРТИСТКА НА ГОДИНАТА: Лина Ѓорческа (тенис)
СПОРТИСТ НА ГОДИНАТА: Кире Лазаров (ракомет)