СВР-Скопје, до надлежното ОЈО поднесе кривична пријава против С.Ш.Г. (25) и Р.С.Д. (23) , бугарски државјанки, поради основано сомнение дека извршиле три кривични дела “џепна кражба“ предвидено и казниво по чл.235 ст.1 од КЗ на РМ при што се стекнале со противправна имотна корист од околу 12.000 денари. Од страна на судија на претходна постапка на истите одредена им е мерка една година затвор, условно за 3 години, а лицата се протерани и им е забранет влез во РМ во времетраење од 10 години.
Првото кривично дело горепријавените го извршиле на 15-ти овој месец околу 14,00 часот, во автобус број 7 на ЈСП Скопје кој се движел на релација од населбата Аеродром кон “Рекорд“, на тој начин што ја искористиле гужвата во автобусот и невниманието на оштетената, се доближиле до неа и додека едната се туркала во оштетенaта со цел да и го одвлече вниманието другата со протнување на рака од ташната и го украла паричникот со лични документи, картици и околу 1.300 денари.
Второто и третото кривично дело горепријавените го извршиле на 18-ти овој месец исто така околу 14,00 часот во автобус број 5 на ЈСП Скопје, кој се движел на релација од населбата Аеродром кон “Рекорд“, на тој начин што искористувајќи ја гужвата во автобусот и невниманието на оштетените, се доближиле до нив и додека второпријавената се туркала во оштетените со цел да им го одвлече вниманието, првопријавената со протнување на рака во ташните им ги украла паричниците во кои имале лични документи, траксациони картици, семејни фотографии, пари и други лични предмети.
При извршувањето на второто кривично дело, истите биле забележани од страна на полициски службеници од ОИД-МД Центар и Бит Пазар и откако на автобуска постојка на бул.„Кочо Рацин“ се симнале од автобусот, истите се приведени во ПС ОН „Центар“. Украдените паричници со потврда им биле одземени и вратени на оштетените. Исто така во ПС ОН Центар извршен бил разговор со пријавените, при што истите во разговорот не сакале да го појаснат начинот на извршување на кривичните дела.