На конкурсот за изработка на уметнички дела од амбалажен отпад „Trash for art“ организиран од Пакомак, ОУ „Братство-Единство“ Охрид ја освои третата награда во конкуренција од над 80 пријавени дела од цела држава.
Учениците од ученичката заедница и Еко секцијата предводени од тимот: Наташа Илоска- дефектолог, Јулиана Алексиоска – координатор на Еко, Стојна Танос – психолог, Блерта Доко – педагог, Беким Адемоски – хаусмајстор, заеднички изработија фустан од амбалажен отпад со кој конкурираа во категорија училишта.
„За изработка на фустанот се користеа амбалажите од чипсови, смоки, кроасани, сокчиња кои учениците секојдневно ги селектираат во посебните контејнери наменети за нив. Сите ученици во училиштето активно учествуваа во прибирање на материјалот што кажува дека учениците сакаат, знаат и умеат да го селектираат отпадот и да придонесат за чиста животна околина, а воедно и да ја развиваат креативноста преку правење на интересни изработки од рециклиран материјал. Со оваа награда докажавме дека од собраниот амбалажен отпад може да се направат вистински уметнички дела. “- велат од ОУ „Братство-Единство“.