Министерството за образование и наука објави Конкурс за доделување стипендии за студенти Роми запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Македонија за студиската 2016/2017 година. Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека оваа година ќе бидат доделени 50 стипендии, односно 18 повеќе од минатата година, што се должи наголемиот интерес на студентите и успехот во студиите на корисниците на стипендии за 2015/2016.
„Конкурсот е веќе објавен на специјализираната интернет страница за доделување стипендии на МОН stipendii.mon.gov.mk и предвидува доделување на вкупно 50 стипендии за студенти Роми запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Македонија во академската 2016/2017 година. Од нив 25 се наменети за студенти бруцоши и 25 за студенти запишани во втора и погорните години на студирање“, рече Ристовски.
Директорот на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците Реџеп Али Чупи, потенцираше дека стипендирањето на студентите Роми дава резултати и затоа бројот на стипендии годинава е поголем од лани.
Стипендиите се во месечен износ од 5.000 денари и ќе се исплатуваат девет месеци, т.е. за времетраењето на студиската година. Рокот за аплицирање е до 3 февруари. Согласно Конкурсот, предност при доделувањето на стипендиите ќе имаат студентите кои студираат на високообразовни установи што продуцираат дефицитарен наставен кадар – природно-математичките, филолошките и педагошките факултети.