Објавен е Конкурсот за доделување стипендии за студии од прв, втор и трет циклус на првите сто рангирани универзитети во светот според последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг Универзитет, за академската 2017/2018 година. Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски информираше дека Владата на Република Македонија седма година по ред обезбедува средства и ги доделува овие стипендии. Истовремено апелираше заинтересираните кандидати да ги разгледаат условите во конкурсот и да аплицираат најдоцна до 1 септември 2017 година.
„Се работи за мерка која нашата земја ја издвојува како единствена во регионот и една од ретките во светот, ако се земе предвид дека станува збор за исклучителна можност – високи стипендии и голема буџетска ставка која се одвојува оваа, како и во претходните години. Паричните износи кои ги исплаќаме на годишно ниво достигнуваат до 40.000 американски долари, само за покривање на уписнината, а дополнително се покриваат и трошоците за живот, сместување и превоз“, рече Ристовски.
Стипендиите ќе можат да ги користат студенти кои ќе се запишат и ќе студираат во областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економија и финансии, физика, биологија, хемија и генетика.
По завршувањето на студиите, стипендистите имаат обврска да се вратат во Република Македонија и да работат во јавниот или во приватниот сектор најмалку двојно поголем период од периодот на стипендирањето.
Инаку, досега околу 200 студенти добиле стипендија за студирање на најдобрите 100 универзитети според Шангајската листа и најголемиот дел од нив веќе ги завршија студиите.