Промовирани дела од антологиите на светската поезија и на македонската литература за млади и деца

Промоција на последните два тома од „Антологијата на светската поезија“ на македонски јазик и „Антологијата на македонската литература за млади и деца“ се одржа вечерва во новиот објект на Македонскиот народен театар. Со ова се целосно завршени овие две капитални едиции од областа на издавачката дејност.

Овие едиции се надоврзуваат на низата капитални проекти од областа на литературата и издаваштвото кои ги реализиравме во изминатите години и со кои јасно ги демонстриравме заложбите на Владата на Република Македонија и Министерството за култура, да го подигнеме нивото на општата интелектуална култура во нашата држава, но и да ги едуцираме младите генерации и да ја развиеме нивната перцепција за вистинските вредности, истакна на промоцијата министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

Од „Антологијата на светската поезија“ на македонски јазик денеска беа промовирани вториот и петтиот том. Промоторот на оваа Антологија, Ратко Дуев посочи дека во вториот том е презентирана поезија создавана во периодот од 4 до 15 век, епски и лирски дела од средновековната книжевност. Меѓу нив се и старословенската поезија на Свети Контантин – Кирил филозоф, Свети Методиј Солунски, потоа дела на Петрарка, Алигиери, Ридел, Борнеј, Даниел, стихови на многу непознати автори и трубадури. Во петтиот том, пак, се застапени современи поети од 20-от и 21 век, како Тагоре, Пол Валери, Рилке, Сандберг, Блок, Хименез, Елиот, Ахматова, Пастернак, Есенин, Борхес и многу други автори кои добро и се познати на македонската читателска јавност.

Дуев истакна дека оваа Антологија е од големо значење имајќи предвид дека вакви антологии на поезија нема на многу јазици, оти таа ќе биде од особена корист за студентите по книжевност, но и за љубителите на поезијата.

Во рамки на „Антологијата на македонската литература за млади и деца“, приредена од Раде Силјан, се застапени седумнаесет автори и дела кои творат на македонски јазик и живеат во Македонија.

Оваа едиција според министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на едно место ги обединува најдобрите дела на македонските автори посветени на децата.

„Антологијата на македонската литература за млади и деца“, има исклучително значајна културолошка, естетска и воспитно-образовна функција. Ова е едиција која во ваква форма се реализира за прв пат, се со цел, да го поттикнеме развојот на креативноста и размислувањето на децата, да ги поттикнеме најмладите да посакаат што почесто да читаат и да се надоградуваат, рече Канческа Милевска.

Во оваа Антологијата застапени се: Силјан Штркот на Марко Цепенков, поезијата на Васил Куноски, Боите на моето небо на Фејзи Бојку, Големата шума на Видое Видически, Еден лав плаче од страв на Михо Атанасовски, Милосија на Ката Мисиркова Руменова, Сребрените снегови на Живко Чинго, Волшебното самарче на Ванчо Николески, Девојчето со две имиња на Јадранка Владова и многу други интересни изданија. Во едицијата се застапени и четири тома на антологиски приказ на македонскиот расказ за деца и млади, како и на македонската поезија за деца и млади во кои е направен селективен избор на највредните остварувања на плејадата македонски писатели кои не се претставени во останатите томови, како: Глигор Прличев, Волче Наумчевски, Лазо Каровски, Науме Попевски, Васил Пујовски, Јован Стрезовски, Христо Петревски и многу други.

Во изминатите десет години, истакна министерката, поддржано е издавањето на педесетина други дела за деца.

Професорката Кристина Николовска во своето обраќање истакна дека оваа промоција е чест и историска радост заблагодарувајќи се за поддршката, особено што оваа литературна форма има опасност од изумирање. За неа ова е стратешка и системска грижа за развивање на литературата за деца.

Весна Чепишевска Мојсовска, професорка на Филолошкиот факултет во Скопје изрази надеж дека во иднина оваа Антологија ќе се зголеми за уште толку дела.

На промоцијата присуствуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер и мандатар за формирање нова Влада Никола Груевски. Министерката за култура Канческа Милевска му се заблагодари на Груевски за поддршката што ја добило министерството и издавачите за објавување на овие едиции.