Во рамки на одбележување на големиот верски празник Богојавление-Водици и Денот на рибарите, Црвен крст Охрид е вклучен со низа активности од областа на здравствено-превентивната и социјално-хуманитарната дејност.
И оваа година во пресрет на празникот, на 18.01.2017 (среда), традиционално Градончалникот на општина Охрид-Локалната самоуправа обезбеди и во соработка со Црвен крст Охрид ќе подели 50 хуманитарни пакети со прехрамбени производи и средства за хигиена на 50 социјално загрозени семејства од Охрид.
На 18.01.2017 г. (среда) од 19-23 ч., на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“. Апелираме и препорачуваме до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 6.5 °C.
Традиционалната крводарителска акција „Водици 2017“ под мотото „ИМАШ 5 МИНУТИ? ДАРУВАЈ КРВ, СПАСИ НЕЧИЈ ЖИВОТ“ во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира на 19.01.2017 (четврток) од 9-14 часот во Студенстскиот дом „Никола Карев“. Ги покануваме нашите сограѓани и гостите да ја покажат својата хуманост дарувајќи крв, а организаторот во соработка со Општина Охрид, Зегин и Дебарско-Кичевската епархија ќе им возврати со должно внимание и скромни подароци.
За настанот на осветувањето на водата во Охридското езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во Охрид на 19.01.2017 (четврток), Црвен крст Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со 5 тимови на спасители на вода, распоредени долж градското пристаниште, 2 тима на спасители на вода во два спасителни чамци и 5 нуркачки тимови, како и со 8 медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со 2 медицински тима на Итната медицинска помош со две амбулантски возила. Под надзор на спасители и медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе бидат и „скокачите по крстот“ во с. Пештан и во Св.Наум.
На денот на рибарите на 20.01.2017 (петок), тимовите за логистика на Црвен крст Охрид ќе распределат дел од рибината чорба во семејствата со социјален ризик во Охрид како и на лица со хендикеп и стари лица кои не се во можност да присуствуваат на овој настан.
Црвен крст Охрид до сите оние кои ќе бидат дел од настанот за одбележување на празникот Богојавление-Водици на Градското пристаниште во Охрид упатува апел и ги дава следните препораки:
– Со оглед на исклучително ниската температура на водата во Охридското Езеро (кај пристаништето 6.5 °С), и минусната температура на воздухот која се најавува за 19.01. (до -3 °С), потребно е исклучително високо внимание и претпазливост на оние кои ќе се одлучат да влезат во водите на Охридското Езеро:
- Да не влегуваат во вода доколку чувствуваат слабост или имаат било каков здравствен проблем;
- Оние што ќе влегуваат во вода, во неа да се задржуваат многу кратко (не подолго од 5 минути).
Во вода телото се лади десетина пати побргу отколку во воздух, особено при зголемени телесни активности.
- Никако да не конзумираат алкохол пред влегување во вода, а да конзумираат топли безалкохолни напитоци – чај.
Алкохолот рапидно го забрзува намалувањето на температурата во организмот.
- Да носат обувки.
– За сите кои ќе бидат дел од настанот на Градското пристанште на копно, се препорачува:
- да облечат повеќеслојна облека;
- да конзумираат топли безалкохолни напитоци – чај.