Македонија 27-27 Исланд

Македонија и Исланд ремизираа 27-27 во последниот натпревар од групите на Светското ракометно првенство кое се игра во Франција.

Нашата репрезентација имаше одличен старт на овој натпревар. Стигнавме до предност од 4:0, но следуваше „од готово – вересија“. Исланд не само што го изедначи резултатот, туку и дојде во водство од 4-5. Следуваше речиси изедначена битка, каде Исланд поведуваше, а Македонија изедначуваше, за на полувреме Исланд да замине со водство од 13-15.

Во второто полувреме Исланд успеа да ја зголеми предноста и на +5 голови разлика. Македонија се обиде да ја намали таа предност и успеа во тоа. Во последните 5 минути од натпреварот повторно можевме да гледаме изедначена борба. Нашите ракометари најпрво изедначија на 25-25, а можеа дури и да победат. На два пати имавме предност од 26-25 и 27-26, но Исланд успеа да изедначи, за на крајот овој натпревар да заврши нерешено 27-27.

По натпреварите во Групата Б, Македонија го освои третото место, со 2 победи, 2 порази и едно реми. Со тоа, нашата репрезентација обезбеди учество во осминафиналето од ова Светско првенство.

Наредниот натпревар, во осминафиналето, Македонија ќе игра против Норвешка во сабота (21 јануари) со почеток во 16:00 часот.

WebOhrid