Претседателот Иванов со честитка до Антонио Тајани по повод неговиот избор за претседател на Европскиот парламент

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати писмо со честитка до г. Антонио Тајани по повод неговиот избор за претседател на Европскиот парламент.

„Ваша Екселенцијо,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод Вашиот избор за претседател на Европскиот парламент, како и да Ви посакам многу успех во извршувањето на оваа одговорна функција.

Вашиот избор на оваа функција е исклучително значаен. Тој се случува во период на бројни сериозни предизвици со кои се соочува Европа, а единството, довербата и неопходноста од повеќе соработка во рамките на Европската Унија се потребни повеќе од секогаш. Регионот на Југоисточна Европа исто така се соочува со предизвици и со ретроградни процеси. Токму, поради тоа мотивирачката енергија на Европската Унија е исклучително важна за нашиот регион. Ја користам оваа пригода да ја искажам благодарноста на Република Македонија за досегашната поддршка од Европскиот парламент и да Ве уверам дека ние сме подготвени да го преземеме својот дел од задачата за иднината на Европа и на Европската Унија.

Почитуван господине Тајани, членството во Европската Унија за Република Македонија претставува највисока стратегиска цел. Toa e изборот на граѓаните на Република Македонија и тој избор ужива широка политичка, етничка и социјална поддршка, и има силна обединувачка моќ во нашето општество. Токму затоа во време на Вашиот мандат очекувам и се надевам што поскоро да се деблокираат евроинтеграциските процеси. Секое натамошно пролонгирање на овој процес, како и досега, можно е, за жал, сериозно да влијае на темпото на реформите, на нивото на политичка култура во државата и на културата на дијалог и на компромиси.

Со искрени желби за добро здравје, натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам, Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.“