Претседателот Иванов оствари средба со амбасадорот Метју Нимиц

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации за прашањето за разликата околу името.

На средбата беше разгледана актуелната состојба во разговорите за надминување на ова прашање.

Поздравувајќи го ангажманот на амбасадорот Нимиц, претседателот Иванов ја реафирмираше државната позиција на Република Македонија и посветеноста за изнаоѓање на заеднички прифатливо решение за разликата околу името.

„Како и досега, и натаму Република Македонија активно, конструктивно и со добра волја ќе учествува во процесот, со цел изнаоѓање на заемно прифатливо решение за разликата околу името”, рече претседателот Иванов.

На средбата, на која присуствува министерот за надворешни работи, м-р Никола Попоски, и новиот пратеник во разговорите за надминување на разликата околу името, д-р Васко Наумовски, претседателот Иванов ја истакна подготвеноста на македонската страна за средби на највисоко ниво и интензивирање на дијалогот.

Македонскиот претседател истакна дека до решение може да се дојде само со конструктивност од двете страни и придржување до рамката во која се водат разговорите – резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и на пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Во тој контекст, претседателот Иванов повика на почитување на меѓународното право и доследност кон меѓународно преземените обврски.

nimic01